Добитничката на Нобелова награда, Наргес Мохамади тврди дека била брутално претепана при апсењето во Иран

Наргес Мохамади и Сепиде Голиан / 11 декември 2025 година

Иранската активистка за човекови права, Наргес Мохамади изјави дека била брутално претепана и уапсена од безбедносните сили во североисточниот ирански град Машхад, а подоцна обвинета за „соработка со Државата Израел“, што е нејзин прв коментар откако минатата недела беше приведена. Мохамади е добитничка на Нобеловата награда за мир.

Според извештајот што го пренесе нејзиното семејство за краткиот телефонски разговор што го остварилe по неколку дена без контакт, Мохамади во објава на социјалната мрежа со која управува нејзината фондација наведе дека претрпела тешко физичко малтретирање за време на апсењето и притворот.

Мохамади изјави дека била „нападната со силни и непрекинати удари со палка по главата и вратот, а потоа насилно уапсена“.

Истовремено, додека ја тепале, ѝ се заканувале со зборовите: „Ќе ја натераме твојата мајка да тагува по тебе“.

Видете и ова: Уапсена иранската добитничка на Нобелова награда, Наргес Мохамади

Семејството на Мохамади соопшти дека таа не била во добра физичка состојба за време на повикот и ги повика нејзините адвокати веднаш да поднесат официјална жалба против безбедносната агенција одговорна за апсењето.

Мохамади, која има 53 години и која во 2024 година ја доби Нобеловата награда за мир за повеќе од две децении борба за правата на жените во Иран, отпатува во Машхад на 11 декември за да присуствува на комеморација по повод седмиот ден од смртта на Хосров Аликорди, адвокат и активист за човекови права, чија смрт предизвика контроверзии и обвинувања за неправилности.

Тужителот од Машхад, Хасан Хематифар, на 13 декември изјави дека 39 лица биле уапсени за време на комеморацијата и дека сите сè уште се во притвор.

Тој рече дека собирот бил „организиран и воден“ од лица поврзани со Аликорди, вклучувајќи го и неговиот брат Џавад Аликорди, кој исто така бил уапсен.

Сведоци и членови на семејствата изјавија дека безбедносните сили го прекинале настанот, што довело до судири и насилство.

Таги Рахмани, сопругот на Мохамади, изјави за Радио Фарда дека таа исто така била обвинета за „водење“ на собирот и негово претворање во антирежимски протест. Тој рече дека е загрижувачки што на властите им биле потребни неколку дена за официјално да ја обвинат, тврдејќи дека доцнењето сугерира дека „нешто планираат“.

Мохамади изјавила дека тепањата биле толку тешки што двапати била однесена на итна медицинска помош. Таа рекла дека не знае која безбедносна служба моментално ја држи.

Видете и ова: Иран привремено ја ослободи затворената нобеловка Мохамади

Според нејзиниот исказ, за време и по апсењето била обвинета за „соработка со државата Израел“, обвинение кое иранските власти често го користат против политички активисти и дисиденти.

Семејството соопшти дека околу 15 лица учествувале во нападот врз Мохамади. Наводно, некои ѝ ја влечеле косата, додека други ја тепале со палки и пендреци. Сите наводно биле облечени во цивилна облека.

Семејството исто така соопшти дека за време на комеморацијата бил употребен солзавец.

Мохамади го помина поголемиот дел од изминатата деценија зад решетки.

Пред да биде пуштена од здравствени причини на почетокот на декември 2024 година, таа издржуваше обединета казна од 13 години и девет месеци. Во моментот на нејзиното ново апсење, наводно сè уште е на лекување поради неоткриена болест.

По пуштањето на слобода, Мохамади продолжи со својата работа на полето на човековите права, се среќаваше со граѓански активисти низ Иран и учествуваше во меѓународни дискусии, вклучително и виртуелни конференции со странска публика.

Норвешкиот Нобелов комитет го осуди „бруталното апсење“ на Мохамади и ги повика иранските власти „веднаш да разјаснат каде се наоѓа Мохамади, да ја обезбедат нејзината безбедност и интегритет и да ја ослободат без никакви услови“.