Полицијата на Тузланскиот кантон ги уапси Мирсад Бакаловиќ, поранешен директор на Домот за пензионери во Тузла, и Зинаида Разиќ Халиловиќ, раководителка на Службата за економски, финансиски, сметководствени и општи работи во Домот и членка на Управниот одбор, во рамки на истрагата за причините за пожарот од 4 ноември, во кој животот го загубија 17 лица, а повеќе од 30 беа повредени.
Кантоналното обвинителство на Тузланскиот кантон донесе наредба за спроведување истрага против нив поради сомневање дека како соучесници сториле тешки кривични дела против општата безбедност на луѓето и имотот, во врска со кривичното дело предизвикување општа опасност, додека на Бакаловиќ дополнително му се става на товар продолжено кривично дело злоупотреба на положбата или овластувањата.
Видете и ова: Починаа уште две лица, десет дена по пожарот во Пензионерскиот дом во ТузлаСпоред Обвинителството, осомничените во периодот од февруари 2024 до 4 ноември 2025 година свесно пропуштиле да организираат и спроведуваат пропишани мерки за заштита од пожари и општа безбедност на корисниците, иако знаеле дека станува збор за објект со висок ризик, во кој престојуваат особено ранливи категории – 180 корисници од повозрасна животна доба, од кои 110 се тешко болни, неподвижни или лица со инвалидитет.
Според досегашните резултати од истрагата, Бакаловиќ и Разиќ-Халиловиќ не обезбедиле пропишан број медицински персонал и негуватели во ноќните смени, ниту обезбедиле соодветен систем за рана дојава и превенција од пожари, технички услови евакуација на корисниците, ниту надзор над забраната за употреба на електрични уреди.
Бакаловиќ дополнително се сомничи дека вработувал лица на работни места поврзани со заштита од пожари и ноќен рецепционер без потребната стручна оспособеност.
Во наредбата за спроведување истрага се наведува дека овие пропусти довеле до загрозување на безбедноста на поголем број луѓе, и дека пожарот што избувнал на 4 ноември во собата на еден корисник, а потоа брзо се проширил, предизвикал смрт на 17 лица кои поради здравствената состојба не можеле самостојно да се евакуираат, додека повеќе од 30 лица биле повредени.
Видете и ова: Единаесет загинати, 30 повредени во пожар во пензионерски дом во ТузлаПо криминалистичката обработка, осомничените ќе бидат предадени на Обвинителството, кое ќе одлучи за понатамошните мерки.
Досега се сослушани поголем број сведоци, прегледани се снимки од видеонадзор и доставени се наоди од вештаци за градежна и противпожарна заштита.
Обвинителството најавува продолжување на обемната истрага со цел утврдување на одговорноста и на други лица поврзани со трагедијата.
Што е досега познато за причините за пожарот?
Кантоналното обвинителство во Тузла на 14 ноември ги презентираше наодите изработени од вештаци од електрострука и противпожарна заштита, според кои пожарот настанал поради краток спој на проводниците на приклучниот кабел од радиоприемник.
Кабелот, како што се наведува, бил приклучен во штекер, деформиран и притиснат меѓу душекот, ѕидот и металниот дел од креветот.
„Основната причина е најпрво механичко, а потоа и термичко оптоварување на кабелот“, се наведува во наодот.
Вештаците за противпожарна заштита посочиле дека ќе се анализира дали мерките за заштита биле соодветни и дали последиците можеле да бидат намалени.
Обвинителството најави одземање на документација и сослушување сведоци.
Обвинителството соопшти дека истрагата се занимава со тоа кој би можел да сноси кривична одговорност за трагедијата во Домот за пензионери.
Во почетната фаза на истрагата се разгледуваат неколку најтешки квалификации од областа на загрозување на безбедноста на луѓето и имотот.
Особено се испитува дали пожарот, кој доведе до смрт на повеќе корисници, можел да се спречи и дали во работењето имало небриженост од страна на оние кои биле задолжени за функционирањето на установата.
Зградата, изградена на крајот на седумдесеттите години и првично проектирана како хотел „Б“ категорија, со години функционира како јавна установа за социјална заштита која се самофинансира.
Домот, инаку, не се финансира од јавни буџети, туку исклучиво од приходите што сами ги остварува, иако Градот Тузла е сопственик на објектот и ја именува управата.