Европската комесарка за проширување, Марта Кос во вторникот во Брисел соопшти дека Црна Гора никогаш не била поблиску до Европската унија (ЕУ).
Таа го изјави тоа откако Црна Гора, на Меѓувладината конференција со ЕУ на 16 декември во Брисел, затвори пет преговарачки поглавја во преговорите за членство во ЕУ.
Станува збор за поглавјата: 3 – Право на основање претпријатија и слобода на давање услуги, 4 – Слобода на движење на капиталот, 6 – Трговско право, 11 – Земјоделство и рурален развој и поглавје 13 – Рибарство.
Комесарката Кос повтори дека Црна Гора е предводник во процесот на интеграции и кандидат со најдобри резултати, што „денес го докажа со вкупно 12 затворени поглавја“ од вкупно 33.
„Но мора да бидеме искрени, најтешкиот дел допрва претстои, бидејќи Црна Гора соопшти дека сака да ги заврши преговорите до крајот на 2026 година, а Европската комисија ве поддржува. За да го постигнете тоа, мора да трчате брзо“, изјави Кос.
Видете и ова: Кос од Тирана: Европа ве чека, но има уште работа што треба да се завршиТаа нагласи дека Црна Гора сега мора да ги забрза реформите.
„Клучни ќе бидат реформите во владеењето на правото. Приоритет се именувањата, за да се обезбеди независно судство, во кое судиите ќе можат слободно и без политички притисок да носат одлуки. Тоа исто така значи продолжување на силната борба против корупцијата и организираниот криминал, така што никој нема да биде над законот“, рече Кос.
Таа повтори дека Подгорица ќе има поддршка од ЕУ „на секој чекор“.
„Следната година ќе биде одлучувачка и повеќе од кога било ѝ е потребно национално единство на Црна Гора за да стигне до целта. Следната година може да биде уште подобра“, изјави Кос.
Премиерот Милојко Спајиќ изјави дека Црна Гора затворила повеќе од една третина од поглавјата во преговорите за членство во ЕУ, што го оцени како голем успех.
Тој рече дека ЕУ во Црна Гора добива членка способна да оди рамо до рамо со одделни земји членки, иако некогаш била најсиромашната република на поранешна Југославија.
„Црна Гора нема да претставува големо даночно оптоварување за граѓаните на ЕУ.“
Тој смета дека секојдневно се покажува дека е реална цел Црна Гора да ги затвори сите поглавја до крајот на 2026 година.
„Ние создаваме услови сè да биде исполнето до крајот на наредната година“, порача Спајиќ.
Видете и ова: Русија ја спречува Црна Гора да се приклучи на меѓународниот договор за контрола на извозот на оружјеОд Владата во изминатиот период повеќепати беше повторен планот преостанатото Поглавје 21 да се затвори во текот на 2026 година, со цел Црна Гора да биде примена во 2028 година.
Претходно од Владата беше соопштено дека се исполнети сите услови за затворање на Поглавје 31, кое се однесува на надворешната, безбедносната и одбранбената политика, но одлуката за негово затворање беше одложена на барање на Хрватска.
Хрватска го блокираше затворањето на тоа поглавје откако Собранието на Црна Гора во 2024 година усвои Резолуција за геноцидот во Јасеновац, на иницијатива на проруски и просрпски партии од владејачкото мнозинство, чиј лидер е актуелниот претседател на парламентот, Андрија Мандиќ, што официјален Загреб го оцени како провокација.
Црна Гора ги започна преговорите за членство во ЕУ во јуни 2012 година.