Русија „не го видела“ планот за европски безбедносни гаранции за Украина

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков и рускиот претседател Владимир Путин

Русија тврди дека „не го видела“ предлогот на европските лидери за создавање мултинационална мировна сила за гарантирање на мирот во Украина, објавен еден ден претходно.

Европските лидери предложија „мултинационална сила“ предводена од Европа со поддршка од Соединетите Држави за спроведување на потенцијален мировен договор во Украина, се наведува во заедничкото соопштение по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Берлин.

Силата - според соопштението објавено доцна во понеделник - би била дел од „силните безбедносни гаранции“ за Украина од Соединетите Американски Држави и европските сили, со цел да се гарантира дека Русија нема да прекрши никаков договор за завршување на војната започната со рускиот напад во 2022 година.

Но, Русија во вторник одби да го коментира документот.

„Досега видовме извештаи во весниците, но нема да одговориме на нив. Сè уште не сме виделе никакви текстови“, им изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков на новинарите, а пренесе АФП.

Видете и ова: Трамп вели дека договорот за Украина е се поблиску, клучни-безбедносните гаранции

Тој рече дека Москва - која во минатото бараше од Киев да отстапи територии што Русија ги тврди како свои и исклучи какво било присуство на странски трупи во Украина - не го променила својот став за конфликтот.

„Нашиот став е добро познат, конзистентен, транспарентен и јасен за Американците. И, генерално, јасен е и за Украинците“, рече Песков.

Во интервју за ABC News објавено во понеделник, рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков рече дека Москва нема да се согласи со мировни сили на НАТО во Украина.

„Дефинитивно во ниту еден момент нема да се согласиме, ниту да бидеме задоволни со какво било присуство на трупи на НАТО на украинска територија“, рече Рјабков.

Инаку американски и украински претставници изјавија дека постигнале значителен напредок за време на дводневните разговори насочени кон ставање крај на руската инвазија, при што Вашингтон наводно му понудил на Киев безбедносни гаранции моделирани според „Член 5“ на НАТО за меѓусебна одбрана.

Иако остануваат прашањата за клучните прашања, вклучително и судбината на територијата што Киев сè уште ја држи во источниот регион Донецк, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека договорот за ставање крај на најголемиот и најсмртоносен конфликт во Европа по Втората светска војна се чини поблиску од кога било.