Поранешнатаа специјална јавна обвинителка, Катица Јанева, од недела – 21 декември, ќе биде на слобода и последните осум месеци од затворската казна во случајот „Рекет“ наместо во затворот „Идризово“ ќе ги помине на слобода, со условен отпуст.
Откако веста дека таа излегува на слобода се прошири во јавноста, Основниот кривичен суд Скопје излезе со објаснување дека одлуката била донесена уште пред една година на барање на Јанева.
„На 12.12.2024 година Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје, по предлог на осудената К. Ј донел решение со кое се прифаќа предлогот и на осудената и се дозволува условен отпуст од издржување на затворската казна, кој започнува од 21.12.2025 година, а трае до 21.08.2026 година. Односно од седумгодишната затворска казна, дозволен е условен отпуст од осум месеци“, соопштија од судот.
Видете и ова: Црна листа на САД - недопрени од санкциитеВо случајот „Рекет“ Јанева беше осудена за кривичните дела „примање награда за противзаконито влијание“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Со неа, во овој предмет на девет години беше осуден Бојан Јовановски – Боки 13 за делото „перење пари и други приноси од казниво дело“.
Според обвинителниот акт за „Рекет“, Јовановски влијаел врз Јанева за таа да бара поблаги мерки против бизнисменот Јордан Камчев, обвинет во предметот „Империја“, случај кој го почна поранешното СЈО.
Специјалното јавно обвинителство (СЈО) беше формирано во 2015 година по објавувањето на аферата со нелегалното прислушување во Северна Македонија кое, директно и индиректно, пофати 20.000 граѓани. Целта беше СЈО да ги гони кривичните дела кои беа поврзани и кои произлегуваа од содржината на незаконското следење на комуникациите.
По случајот „Рекет“ и апсењето на Јанева, во 2020 година ова обвинителство згасна, а предметите преминаа во надлежност на редовните обвинителства.
Додека ја отслужуваше казната за „Рекет“, Јанева во 2024 година беше ставена на „црната листа“ на САД при што американските власти наведоа дека во својство на поранешна специјална обвинителка била „вмешана во коруптивни дејствија, вклучително и користење на нејзиното политичко влијание и службена моќ за лична корист“.
Под санкции од САД од 2023 е и бизнисменот Орце Камчев, кого Јанева во гонеше во случајот „Империја“. Покрај Камчев, на црната листа се и членови неговото семејство.
Ставајќи го на „црната листа“ американските власти посочија дека тој „ја злоупотребил својата позиција, ангажирајќи се во коруптивни активности и спроведувајќи самопослужувачка агенда на сметка на демократските институции и граѓаните на Северна Македонија“.