На седница на 15 декември, парламентот во Хрватска усвои Закон за изградба на центар за управување со радиоактивен отпад на Трговска Гора, во непосредна близина на Босна и Херцеговина (БиХ) која стравува дека со тоа ќе се доведат во опасност 250.000 луѓе.
Според Националната програма за спроведување на Стратегијата за управување со радиоактивен отпад, искористени извори и потрошено нуклеарно гориво, која хрватската Влада ја усвои кон крајот на 2018 година, Трговска Гора и касарната Черкезовац се планирани како локација за долгорочно складирање на овој отпад.
На ова место би се складирал отпад со ниско и средно ниво на радиоактивност од нуклеарната централа Кршко во Словенија, како и радиоактивен отпад генериран во Хрватска.
Локацијата за складирање е оддалечена околу 800 метри воздушна линија од границата со Босна и Херцеговина и еден километар од водоводот на општина Нови Град, од кој 15.000 луѓе пијат вода.
Видете и ова: Македонија увезла над седум милиони тони отпад од БугаријаБосанските власти се спротивставуваат на отворањето на центар за управување со радиоактивен отпад на таа локација, бидејќи веруваат дека тоа би можело да ги загрози животите и здравјето на луѓето во сливот на реката Уна.
Исто така, тие проценуваат дека тоа ќе загрози 13 општини во северозападиот дел од Босна и Херцеговина, каде што живеат околу 250.000 луѓе.
Пред пет години, Советот на министри на Босна и Херцеговина донесе Одлука за назначување на експертски тим за следење на состојбата и активностите поврзани со одлагање на радиоактивен отпад и потрошено нуклеарно гориво на локацијата Трговска Гора.
Нивната задача беше да направат сеопфатна експертска анализа на состојбата и влијанието на можната депонија врз Трговска Гора и да изготват предлог-мерки за заштита на населението во 13-те општини во БиХ во сливот на реката Уна, како и мерки за заштита на животната средина.
Хрватската влада, пак, во своето образложение за законот што беше изгласан во парламентот, наведува дека тој е неопходен за да се исполнат обврските кон Европската Унија и меѓународните договори, како и за да се обезбеди долгорочно и безбедно отстранување на радиоактивниот отпад.