Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Обвинителството треба да постапи по изјавите на опозициската СДСМ поврзани со темата за мигрантите, оценувајќи дека со нив се создава немир и паника кај граѓаните.
Според Мицкоски, континуираното пласирање, како што рече, неточни информации претставува своевиден облик на насилство предвиден во Кривичниот законик.
„Ако еднаш, двапати, трипати демантирате и континуирано се продолжува со оваа тема, тоа значи дека имате намера да создадете немир, паника и страв кај граѓаните. За тоа мора кривично да се одговара“, изјави Мицкоски, кој денеска присуствуваше на отворање на реконструирана полициска станица во Општина Бутел.
На новинарско прашање дали е можен заеднички пристап во Собранието, со оглед на најавите дека и ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе резолуција за мигрантите, слично како СДСМ, премиерот одговори дека станува збор за тема која, според него, не постои.
Тој нагласи дека и како премиер, но и преку Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи, повеќепати било соопштено дека не се воделе разговори за прифаќање мигранти, ниту, како што рече, „воопшто постои таква намера“.
Видете и ова: Партиски судир околу мигрантите: СДСМ бара резолуција, ВМРО-ДПМНЕ обвинува за лицемериеИ денеска продолжи партиското препукување меѓу опозициската СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ околу ова прашање. Од СДСМ обвинија дека владејачката партија одбива да потпише резолуција со која, како што велат, би се спречило прифаќање мигранти за пари.
„Цела недела ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски одбиваат да ја потпишат резолуцијата со која јасно и недвосмислено би се спречило прифаќање мигранти за пари во Македонија. Да немаше скриени агенди и дилови под маса, таа одамна ќе беше потпишана“, изјави Александар Саша Димитријевиќ, член на Централниот одбор на СДСМ.
Тој оцени дека станува збор за, како што рече, „национално предавство мотивирано од финансиски интереси“, тврдејќи дека Владата прифатила мигранти во замена за значителни финансиски средства.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека станува збор за лажна пропаганда и неосновани обвинувања, наведувајќи дека СДСМ тврди дека нивната резолуција предвидува прифаќање мигранти, иако таа, како што велат, сè уште не е ниту поднесена.
Според владејачката партија, СДСМ со ваквото однесување станала „заробеник на сопствената пропаганда“, додавајќи дека, кога ќе стане јасно дека нема ниту еден мигрант, ќе мора да се извинува на јавноста.
Видете и ова: Од каде кинески илегални мигранти во Северна Македонија?Темата за мигрантите се отвори по објавите во неколку британски медиуми на 5 декември, меѓу кои „Дејли мејл“, „Тајмс“ и „Сан“, во кои се тврдеше дека Велика Британија води преговори со Северна Македонија за прифаќање мигранти чии барања за азил биле одбиени. Во написите се наведуваше дека Лондон би ѝ плаќал на земјава за секој преземен мигрант и би обезбедил дополнителни инвестиции и поддршка.
Владата на Северна Македонија ги демантираше овие наводи, оценувајќи ги како неточни и за внатрешно-политичка употреба, при што се повика и на претходна изјава на британскиот амбасадор Метју Лосон и наведе дека уште во мај тој категорично негирал дека Северна Македонија ќе прифаќа мигранти од Велика Британија.