Започна демонтажа на стариот радар на Аеродромот Скопје, М-НАВ: авиосообраќајот без прекин

Демонтажа на стар и неупотреблив радар на Меѓународниот Аеродром Скопје. 14.12.2025.

Денеска официјално започна процесот на демонтажа на стариот и неупотреблив радар на Меѓународниот аеродром Скопје, како и подготовките за инсталација на нов современ Мод S радар, информираат од М-НАВ. Оттаму нагласуваат дека активностите нема да имаат никакво влијание врз одвивањето на авиосообраќајот.

Од М-НАВ посочуваат дека по одржаниот почетен состанок (Kick-off) со компанијата „Леонардо“ и домашните подизведувачи, кој се одржал на 1 декември 2025 година, денес официјално започнала демонтажата на постојниот радар и подготовките за новата опрема. Според нив, оваа фаза е значаен чекор во проектот за модернизација на системите за надзор на воздушниот сообраќај.

„Процесот се реализира со висок степен на координација и професионална посветеност, при што клучна улога имаат стручниот и техничкиот персонал ангажиран во овој комплексен проект“, наведуваат од М-НАВ.

Видете и ова: Тасевски: Инженерите мака мачат да ја држат функционална опремата во М-НАВ

По завршувањето на демонтажата ќе следуваат градежни активности за поставување на новата конструкција и инсталација на современиот Мод S радар, со што, како што велат од М-НАВ, значително ќе се унапреди безбедноста и ефикасноста во управувањето со воздушниот сообраќај. Според предвидената динамика, новиот радар целосно треба да биде пуштен во оперативна употреба во јуни 2026 година.

Од М-НАВ додаваат дека менаџментот, во соработка со Владата и Министерството за транспорт, останува посветен на реализација на стратешките проекти за модернизација на воздухопловната инфраструктура.

Во врска со информациите дека македонското небо е без радарска покриеност, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека радарските системи за контрола на летање функционираат нормално и дека во јавноста се пласираат неточни информации.

„Си работат радарите, сè си е функционално. Сè си функционира нормално“, изјави Мицкоски, обвинувајќи ја опозицијата дека намерно шири дезинформации и создава непотребна паника кај граѓаните.