Во Скопје денеска се одржа протестен собир за поддршка на поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК), обвинети за воени злосторства.
Собирот е организиран од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој на собирот ја истакна праведноста на војната на ОВК и поддршката за борците за слобода. Протестот претходно го поддржа и градоначалникот на Општина Чаир Изет Меџити од ВЛЕН, која е коалиционен партнер во актуелната влада.
На плоштадот „Скендербег“ и околниот паркинг се собрани граѓани со албански знамиња и обележја на ОВК, а сообраќајот кон паркингот на ТЦ Мавровка е затворен. Собирот, на кој имаше силно полициско обезбедување, помина во мирна атмосфера.
Демонстрантите скандираа „УЧК, УЧК“, а следеа останатите говорници кои изразија благодарност кон лидерите на УЧК, вклучувајќи го и Али Ахмети.
Али Ахмети се обраќа пред учесниците на маршот за поддршка на ветераните и поранешните водачи на ОВК во Скопје, 13 декември 2025.
Пред толпатa граѓани, Ахмети им се заблагодари на САД и НАТО што ја поддржале ОВК за, како што наведе, запирањето на геноцидот врз Албанците на Косово и додаде дека денеска се обраќаат и до Европа, додавајќи дека ОВК се борела за својот народ.
Тој рече дека ОВК ги почитува меѓународните конвенции и дека ја осудува секоја акција против цивилно население, а дека обвинувањата против Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими се неосновани и дека се упатени од Белград и Москва.
„Обвинувањата за жолтата куќа, обвинувањата за заеднички злосторнички потфат ја оцрнуваат историјата на војната на ОВК. Овој процес мора да заврши со епилог на невиност бидејќи Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими и војниците кои се зад решетки се обвинети за дела што не ги сториле“, додаде Ахмети.
На собирот се обратија Берат Хајдари - ветеран на ОВК, како и Хисни Гучати - претседател на Организацијата на воени ветерани.
Скопје, 13 декември 2025 – Група поддржувачи на ветераните на Ослободителната војска на Косово (ОВК) се собраа на марш на плоштадот „Скендербег“.
Протестот во Скопје доаѓа по серија собири организирани изминатите месеци во повеќе европски градови, насочени против судењето на поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) пред Специјализираните совети за Косово во Хаг.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно неделава рече дека нема да го поддржи протестот, но и дека е формиран Кризен штаб кој ќе ги следи сите настаните поврзани со маршот, 24 часа пред и по неговото одржување.
Државата и институциите, потенцира тој, ќе преземат сè што е во нивна моќ за да се спречи намерата да се испровоцираат какви било негативни реакции кои би можеле да имаат последици за граѓаните и регионот.
Протест во Скопје за поддршка на ОВК.
На 16 ноември се одржа протест во Стразбур, Франција, пред Парламентарното собрание на Советот на Европа, организиран од групи што произлегуваат од војната на ОВК, каде беше изразено незадоволство од судењето на поранешните команданти – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими – пред Специјализираните совети на Косово во Хаг.
Организаторите рекоа дека протестот во Стразбур ги обединува Албанците „онаму каде што започна неправедната сага во нашата историја“.
Судењето на Тачи, Весели, Красниќи и Селими започна во 2023 година и е при крај. Сите тие ги негираат обвиненијата за воени злосторства и злосторства против човештвото.
Претходно, слични протести се одржаа и во Тирана, Хаг и Приштина.
Во извештај од 2010 година, составен од тогашниот швајцарски сенатор Дик Марти и одобрен од Парламентарното собрание на Советот на Европа, се тврди дека лидерите на Ослободителната војска на Косово (ОВК) биле вклучени во трговија со органи за време на војната 1998-99 година.
Ова доведе до формирање на Специјализираните совети за Косово во 2015 година за да се истражат наводните злосторства од страна на членовите на ОВК против етничките малцинства и политичките ривали.
Видете и ова: Протест во Тирана за поддршка на поранешните водачи ОВК на кои им се суди во ХагСудење во Хаг
Во септември, во корист на одбраната сведочеа поранешниот помошник државен секретар на САД – Џејмс Рубин, правниот советник на косовската делегација за време на разговорите во Рамбује во 1999 година – Пол Вилијамс, специјалниот претставник на САД за време на косовската војна – Крис Хил, и поранешниот британски дипломат – Џон Стјуарт Данкан.
Сите сведочеа дека Тачи немал авторитет над ОВК.
Специјализираните совети очекуваат судењето на поранешните водачи на ОВК да биде завршено до крајот на декември.
Тачи беше политички лидер на ОВК пред и за време на војната 1998-1999 година, Весели беше началник на разузнавачката служба, Красниќи беше портпарол, а Селими беше член на Генералштабот.
Обвинението против нив вклучува обвиненија за незаконско притворање, тортура, убиство, злосторства против човештвото, присилно исчезнување и прогон на стотици цивили и лица кои не учествувале во војната.
Видете и ова: Весли Кларк ќе сведочи во одбрана на Хашим ТачиСе тврди дека овие злосторства се случиле помеѓу март 1998 и септември 1999 година на различни локации во Косово, а исто така и во северна Албанија.
Според Специјализираните совети, Тачи, Весели, Красниќи и Селими носат лична кривична одговорност за овие злосторства, но сите негираат вина.
Адвокатите на одбраната изјавија дека ОВК немала да добие поддршка од меѓународната заедница доколку постоел злосторнички план, како што тврдат обвинителите.
Според нив, обвинението се базира на селективно погрешно толкување на настаните.