Партиски судир околу мигрантите: СДСМ бара резолуција, ВМРО-ДПМНЕ обвинува за лицемерие

Илустративна фотографија - премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и лидерот на СДСМ Венко Филипче.

Опозициската СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска разменија меѓусебни обвинувања околу прашањето за мигрантите и наводните планови за нивно прифаќање во Северна Македонија.

Од СДСМ во соопштение порачаа дека прашањето за мигрантите е државно, а не локално, и побараа од премиерот Христијан Мицкоски да се изјасни дали ќе потпише резолуцијата со која, како што велат, би се гарантирало дека во земјава нема да се носат мигранти „за пари“.

Според СДСМ, одбивањето на Владата да ја стави резолуцијата на гласање во Собранието отвора сомнежи за постоење планови за мигранти.

„Собранието е највисокиот орган на државата, составен од пратеници директно избрани од народот. Затоа Резолуцијата е народен договор. Со една одлука, на целата територија на Македонија, прашањето може да биде затворено“, велат од СДСМ.

Видете и ова: Владата негира дека преговара со Велика Британија за примање мигранти

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираа дека СДСМ и нивниот лидер Венко Филипче лицемерно ја отвораат темата, потсетувајќи дека за време на нивното владеење бил усвоен план за изградба на мигрантски камп во Бардовци во 2018 година.

„За сето тоа има и доказ во Службениот весник од 2018 година, каде што е објавена одлуката на Владата за изградба на мигрантски камп, со Имотен лист бр. 2140 за КО Бардовци“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата наведуваат дека тврдењата за носење мигранти од Велика Британија се неосновани и демантирани, обвинувајќи ја СДСМ за ширење паника и политички конструкции.

Видете и ова: Од каде кинески илегални мигранти во Северна Македонија?

Темата за мигрантите останува предмет на политички препукувања меѓу двете најголеми партии, без официјална одлука донесена на собраниско ниво.

Темата за мигрантите се отвори по објавите во неколку британски медиуми на 5 декември, меѓу кои „Дејли мејл“, „Тајмс“ и „Сан“, во кои се тврдеше дека Велика Британија води преговори со Северна Македонија за прифаќање мигранти чии барања за азил биле одбиени. Во написите се наведуваше дека Лондон би ѝ плаќал на земјава за секој преземен мигрант и би обезбедил дополнителни инвестиции и поддршка.

Владата на Северна Македонија ги демантираше овие наводи, оценувајќи ги како неточни и за внатрешно-политичка употреба, при што се повика и на претходна изјава на британскиот амбасадор Метју Лосон и наведе дека уште во мај тој категорично негирал дека Северна Македонија ќе прифаќа мигранти од Велика Британија.