Иранската добитничка на Нобеловата награда за мир за 2023 година, Наргес Мохамади е уапсена заедно со неколку други активисти за човекови права за време на комеморација во североисточниот град Машхад.
Според Фондацијата „Наргес Мохамади“, апсењето се случило на 11 декември, за време на настан со кој се одбележувале седум дена од смртта на Кхосров Аликорди, истакнат адвокат и борец за човекови права.
На комеморацијата присуствувале многу луѓе, меѓу кои бројни познати активисти, поранешни политички затвореници и семејства кои бараат правда за жртвите на државно насилство.
Во објава на профилот на Мохамади на платформата Икс е наведено дека таа била „насилно уапсена од страна на безбедносните и полициските службеници“.
Видете и ова: Иран привремено ја ослободи затворената нобеловка МохамадиНејзиниот сопруг, Таги Рахмани, кој живее во Франција, потврди дека „Наргес Мохамади, Сепиде Голиан и уште неколку други“ биле приведени на собирот.
Судири со безбедносните сили
Видео-снимки што кружат на социјалните мрежи покажуваат голема посетеност, а учесниците извикуваат слогани критични кон Исламската Република. На едно широко споделувано видео, Мохамади и активистката Сепиде Голиан стојат на врвот од возило, предводејќи ја толпата во извици како „Да живее Иран“.
Други снимки прикажуваат судири меѓу безбедносните сили и учесниците, при што полицајци напаѓаат демонстранти додека тие извикуваат слогани против власта.
Официјални претставници во Машхад подоцна потврдија дека неколку граѓански активисти биле уапсени. Според нивните тврдења, притворот на Мохамади е привремен и нареден од обвинителството.
Наргес Мохамади, која има 53 години, го помина најголемиот дел од изминатата деценија зад решетки. Таа издржуваше казна од 13 години и девет месеци пред да биде ослободена од здравствени причини на почетокот на декември 2024 година. Во моментот на новото апсење, наводно била на лекување.
По ослободувањето, Мохамади продолжи со својот ангажман во областа на човековите права, среќавајќи се со граѓански активисти низ цел Иран и учествувајќи во меѓународни дискусии, вклучително и виртуелни конференции со странска публика.