Мал авион се урна во Мавровско Езеро – соопшти денеска (12 декември) Центарот за управување со кризи (ЦУК).
-Инцидентот бил пријавен на број 112, а информацијата веднаш е проследена од страна на ЦУК до СВР-Тетово, Итната медицинска помош (ИМП) и Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК-Тетово) за итна интервенција, соопшти ЦУК.
Авионот, како што нагласуваат, е од марката „пајпер“ и е наменет за превоз на четири лица. Двајцата патници во авионот се косовски државјани.
Видете и ова: Ало 112, колку е часот? – необични повици за итни случаиТие, според информациите од СВР Тетово, се пренесени во гостиварската болница.
„Денеска околу 12:35 часот е пријавено дека во близина на браната „Белички канал“ во Мавровско Езеро се урнал мал авион. Од леталото на копното успеале да излезат двајца косовски државјани, Џ.П. (41) и Д.М. (64), кој го управувал авионот. Тие се здобиле со повреди и се пренесени во Медицинскиот центар во Гостивар“, изјави портпаролот, Фатмир Реџепи.
По падот на спортскиот авион, Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти (КИНСИВ) почна истрага.
Претседателот на КИНСИВ, Марјан Прпоски, за агенцијата МИА изјави дека посадата на воздухопловот не е во животна опасност.
Прпоски вели дека денеска во 12.30 часот добиле информација оти мал спортски воздухоплов од типот Пајпер 28 слетал во Мавровско Езеро.
„Тимот на КИНСИВ веднаш излезе на терен и почна со истрага. Воздухопловот е во приватна сопственост и со американски регистарски ознаки и посадата на воздухопловот не е во животна опасност“, изјави Прпоски и најави повеќе информации од истрагата во наредните денови.