ФЗО откри низа пропусти во работата на дел од здравствените установи

Илустрација/Фотоархива

Кај 14 јавни здравствени установи од кои две во Скопје, се утврдени неправилности во работењето. Ова го покажала вонредната контрола на работењето и финансиското управување на службите за Итна помош и на Домашна посета на целата територија на државата, што ја спроведе Фондот за здравствено осигурување.

„Од 37 јавни здравствени установи, од кои 29 надвор од Скопје и осум во подрачјето на Скопје, кај 23 ЈЗУ не се установени недостатоци во работењето. Во дел од установите се пронајдени недостатоци. Очигледно со проблеми се 14 установи од кои две се во Скопје, а 12 се надвор од Скопје“, изјави денеска (12 декември) генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски.

Тој информираше дека седум установи немале одобренија односно „не постои согласност за ценовниците што ги наплаќаат кон пациентите“.

Видете и ова: Промените каскаат, здравството заглавено во популизам и корупција

„Значи сите ЈЗУ имаат ценовници, но тие ги одобрува ФЗО и Министерството за здравство. Тие установи функционирале со нивни интерни ценовници. Не тврдам дека тие се или не се на штета на пациентите, само кажувам дека не се одобрени. Кај две ЈЗУ е установено дека кон нас неправилно фактурирале услуги, а други две ЈЗУ наплаќале услуги од пациентите кои не смееле да ги наплаќаат“, додаде Клековски.

Недостиг и на ампули за болка

Тој посочи дека кај една јавна здравствена установа надвор од Скопје, констатирале дека недостигаат ампули за болка, дека лековите кои ги држат во Итната медицинска помош се под минимумот неопходен да функционираат.

„Кај една е утврдено дека немаат тимови за тоа што треба да го испорачаат. На сите ЈЗУ им е даден рок од два месеци да ги коригираат утврдените недостатоци по што повторно ќе извршиме уште една контрола“, информираше директорот на ФЗО.

Контролата нотирала дека е затворена Домашната посета во Шуто Оризари поради недостиг на персонал, но според Клековски, Здравствениот дом за тоа не информирал соодветно.

Истовремено со оваа контрола, извршени се и контроли кои се однесуваат на исплатите на платите во други 26 установи.

„Од нив, за жал, само осум биле без неправилности, а кај другите 18 установи се констатирани неправилности“, истакна Клековски.

При тоа, пријавени се и два случаи со по повеќе од 32 часа месечно прекувремена работа, што е надвор од законски дозволеното. Фондот открил и два случаи на зголемување на директорски плати надвор од законот и колективните договори, а дури осум случаи каде до ФЗО не ни биле доставени бараните документи кои ги вклучуваат книгите за дежурства за дополнителна дејност.

„На сите им упатуваме барање да извршат поврат на незаконско исплатените средства. Дел од следната контрола ќе биде да видиме дали постапиле. Станува збор за зголемување на платите од 10 отсто“, појасни Клековски.

Видете и ова: Како лекарите да се вратат во селата?

Нагласи и дека во овој сет на контролирани ЈЗУ има и многу мали, има и здравствени домови, има и многу големи клинички болници. Посочи дека контролата се однесува на актуелното време, а не на минатите времиња, на сите им е дадено време да ги остранат недостатоците и тоа ќе биде предмет на повторни контроли.

Клековски информираше и дека овие податоци ги доставуваат до министерствата за здравство и за финансии, како и до Државниот завод за ревизија.

„Има елементи на кривични дела и нас ни е неопходно да се проследат понатаму. Од минатогодишните наши пријави се ефектуирани неколку кривични пријави од полицијата, но немаме никаква повратна информација дали Обвинителството постапува по нив, рече Клековски.

Одговарајќи на новинарско прашање дали клиниките кои работат со долгови се истите тие кои си ги зголемиле платите, рече дека има и такви.