Израел во четврток, 11 декември соопшти дека Хамас „ќе биде разоружан“ како дел од мировниот план спонзориран од САД за Газа, откако еден од врвните лидери на палестинското исламистичко движење предложи замрзнување на оружјето.
Прекинот на огнот, кој е во сила од 10 октомври, ја запре војната што започна по смртоносниот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година. Но, тој останува кревок бидејќи Израел и Хамас речиси секојдневно се обвинуваат едни со други за прекршувања.
Врховниот лидер на Хамас, Халед Мешал, за катарскиот новински канал Ал Џезира изјави дека милитантната група е отворена за „замрзнување“ на оружјето, но го отфрла барањето за целосно разоружување изнесено во планот на Трамп за палестинската територија.
Сепак, израелски владин претставник за АФП изјави дека „нема да има иднина за Хамас според планот од 20 точки.
„Терористичката група ќе биде разоружана, а Газа ќе биде демилитаризирана“, рече тој.
Договорот е составен од три фази. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху неодамна посочи дека очекува втората фаза да започне наскоро. Според таа фаза, израелските трупи дополнително би се повлекле од своите позиции во Газа и би биле заменети со меѓународни сили за стабилизација, додека Хамас би го положил оружјето.
Палестинската милитантна група навести дека нема да се согласи да се откаже од својот арсенал.
„Идејата за целосно разоружување е неприфатлива за отпорот (Хамас). Она што се предлага е замрзнување или складирање (на оружје) за да се обезбедат гаранции против каква било воена ескалација од Газа со израелската окупација“, рече Мишел додавајќи:
„Ова е идејата што ја дискутираме со медијаторите и верувам дека со прагматично американско размислување таква визија би можела да се договори со американската администрација“.
Видете и ова: ЕУ ќе има главна улога во изградбата на нови полициски сили за ГазаСе очекува Нетанјаху да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во Соединетите Држави на 29 декември за да разговара за следните чекори во примирјето.
Во првата фаза од договорот, палестинските милитанти се обврзаа да ги ослободат преостанатите 48 живи и мртви заробеници што се држат на територијата. Досега ги ослободија сите заложници освен едно тело.
За возврат, Израел ослободи речиси 2000 палестински затвореници во негов притвор и ги врати телата на стотици мртви Палестинци.
Видете и ова: По десетици убиени, израелската војска соопшти дека примирјето во Газа е во силаШто се однесува до меѓународните мировни сили, Мешал рече дека групата е отворена за нејзино распоредување по границата на Газа со Израел, но нема да се согласи да дејствува на територијата, нарекувајќи го таквиот план „окупација“.
„Немаме приговори меѓународните сили или меѓународните сили за стабилизација да бидат распоредени по границата, како што е УНИФИЛ“, рече тој, осврнувајќи се на мировните сили на ОН распоредени во јужен Либан во близина на израелската граница.
„Тие би ја одделиле Газа од окупацијата“, додаде тој, осврнувајќи се на Израел.
„Што се однесува до присуството на меѓународни сили во Газа, во палестинската култура и свест тоа значи окупаторска сила“, додаде Мешал.
Медијаторите, како и арапските и исламските нации, рече тој, би можеле да дејствуваат како „гаранти“ дека нема да има ескалација што потекнува од Газа.