Австриски суд пресуди дека Дмитро Фирташ, украинскиот олигарх кој е во домашен притвор во Виена откако беше обвинет за поткуп во Соединетите Американски Држави(САД) пред повеќе од една деценија, не може да биде екстрадиран, со што заврши седумгодишната сага против бизнисменот.
Понизок суд ја запре екстрадицијата на Фирташ минатата година, повикувајќи се на нови докази. Обвинителите поднесоа жалба на одлуката, но на 10 декември Вишиот регионален суд во Виена ја отфрли жалбата од технички причини.
Портпаролот на Фирташ не одговори веднаш на барањето за коментар.
Оваа одлука најверојатно значи и крај на постапката на Министерството за правда на САД против Фирташ. Тој беше обвинет од голема порота во 2013 година за поткуп поврзан со индиски бизнисмен.
Министерството за правда не ја коментираше веднаш пресудата.
Видете и ова: Украинскиот олигарх Фирташ меѓу осумте погодени од санкциите на Велика БританијаФирташ, тајкун кој го стекнал своето богатство делумно преку нетранспарентни договори за природен гас во кои биле вклучени рускиот државен гигант „Гаспром“ и украинската цевководна мрежа, беше на врвот на своето влијание во Украина во 2000-тите години за време на претседателството на Виктор Јушченко.
Подоцна, тој стана главен финансиер на ривалот на Јушченко, Виктор Јанукович, кој подоцна стана претседател на Украина.
Во дописите на Стејт департментот, американските дипломати го опишуваат Фирташ како лице поврзано со рускиот организиран криминал, вклучувајќи го и лидерот на криминалната организација Семјон Могилевич.
Фирташ и неговите адвокати ги негираат тие врски.
Во март 2014 година, околу еден месец откако Јанукович ја напушти Украина по месеци протести, Фирташ беше уапсен во Виена, а потоа пуштен во домашен притвор откако плати кауција од 174 милиони долари.
Во поднесокот од јули 2017 година од Министерството за правда на САД до федералниот суд во случајот за поткуп, обвинителите го опишаа Фирташ како „висок соработник на рускиот организиран криминал“.