Русија планира да ги ограничи меѓународните дојдовни телефонски повици

Илустрација

Додека презема чекори за проширување на контролата врз онлајн комуникациите, руската влада претстави нов пакет мерки за дигитална безбедност што значително ќе ги ограничи дојдовните телефонски повици надвор од земјата.

Вицепремиерот Дмитриј Григоренко на 9 декември изјави дека владата подготвила нов пакет иницијативи што вклучува забрана за меѓународни дојдовни повици без согласност на примателот.

Според Григоренко, пакетот содржи 20-тина иницијативи насочени кон „заштита на граѓаните од телефонски и интернет измами“. Меѓу предложените мерки се задолжително означување на сите меѓународни повици, воведување специјални „детски СИМ картички“ и построги ограничувања за масовно издавање СИМ картички.

Официјални лица тврдат дека ваквите чекори се потребни за да се намалат измамите од голем обем, особено оние што вклучуваат повлекување украдени средства преку мрежи од анонимно регистрирани СИМ картички.

Но, критичари велат дека новите предлози, заедно со низа други неодамна воведени ограничувања за ограничување или забрана на комуникациите - вклучително и забрана на многу социјални мрежи - имаат за цел да го прекинат пристапот до независни извори на информации, во пресрет на четвртата годишнина од руската инвазија на Украина.

Меѓународните апликации, вклучувајќи ги Вацап, Фејсбук, Инстаграм, Икс, Сигнал, Вибер, Снапчет и платформата за игри Роблокс се блокирани или ограничени. Претходно овој месец, видео услугата Фејстајм на Епл беше додадена на листата кога владата ја блокираше.

Видете и ова: Русија ќе прави црна листа со јутјубери кои не се приклучуваат на платформа поддржана од Кремљ

Роскомнадзор ги оправда овие потези тврдејќи дека услугите се користат за „организирање и спроведување терористички активности, регрутирање сторители и извршување измама и други кривични дела против руски граѓани“.

Многу чекори за ограничување на пристапот дојдоа откако официјалните лица ја лансираа Макс, нова апликација развиена од ВК, социјалната мрежа порано позната како ВКонтакт.

Активистите велат дека Макс е делумно моделиран според кинеската апликација Вечет. Тие додаваат дека владата ги насочува корисниците да ја користат оваа апликација за да може да следи и контролира до која содржина можат да пристапат Русите.

Како знак на притисокот на владата да се користи Макс, од Министерството за дигитален развој, комуникации и масовни медиуми изјавија за весникот „Комерсант“ дека постепено ги укинува најавувањата преку смс на порталот за државни услуги, Госуслуги, на мобилни уреди.

Госуслуги, служи како главен дигитален канал помеѓу граѓаните и државата во Русија.

Се користи за даночни пријави, медицински услуги, правна документација и, по неодамнешната законска промена, за доставување електронски покани до воените регрутни канцеларии.

Пристапот до Госуслуги преку паметен телефон сега ќе биде можен исклучиво преку апликацијата Макс.