Амбасадорите на Европската унија(ЕУ) се согласија за нови санкции против Русија, додавајќи нови поединци и компании на широкиот список на ограничувања воведени по руската инвазија на Украина пред речиси четири години.
Иако не станува збор за голем пакет што би вклучувал секторски санкции како порано, ЕУ овој пат се фокусираше на пет лица поврзани со глобалната трговија со нафта, обидувајќи се да дејствува против руското заобиколување на ограничувањето на цената на нафтата од страна на Г7, кое моментално изнесува 47,6 долари за барел.
Според официјален документ што го виде Радио Слободна Европа (РСЕ), азербејџанскиот бизнисмен Талат Сафаров е на црната листа.
Сафаров е директор на 2Rivers Group, компанија со седиште во Обединетите Арапски Емирати, која, според Брисел, е вклучена во транспорт и извоз на руска нафта, посебно на „Роснефт“, притоа криејќи го нејзиното вистинско потекло.
Видете и ова: ЕУ пред предизвици за новите санкции против Русија и финансирањето на УкраинаНа листата е вклучен и пакистанскиот бизнисмен Муртаза Али Лакани, за кој се верува дека контролира „пловила што транспортираат нафта или нафтени производи од руско потекло или извезени од Русија, користејќи нерегуларни и високоризични методи на транспорт“.
Ваквите методи вклучуваат користење бродови без соодветно осигурување и оневозможување на системите за локација на бродовите при пловидба.
На листата се вклучени и тројца руски државјани и четири компании.
Две од компаниите се со седиште во Обединетите Арапски Емирати и се осомничени дека неодамна биле вклучени во транспорт на руска нафта. Една виетнамска компанија и една руска компанија беа исто така додадени бидејќи поседуваат или управуваат со танкери кои се дел од руската „флота во сенка“.
Со посебна одлука, Брисел ќе додаде на листата уште 43 бродови за кои верува дека се дел од флотата.
Листата веќе вклучува повеќе од 500 бродови, од кои сите имаат забрана за пристанување или обезбедување какви било услуги во пристаништата на ЕУ.
Амбасадорите на ЕУ, исто така, се согласија да воведат санкции врз лица за кои се верува дека презеле дестабилизирачки активности во име на Русија низ целиот свет.
На ажурираната листа се наоѓа и Џон Марк Дуган, американско-руски државјанин и поранешен заменик-шериф на Флорида, кој се преселил во Русија пред речиси една деценија.
Тој е обвинет за учество во руски дигитални операции насочени кон „влијание врз изборите, дискредитирање на политичарите и манипулирање со јавното мислење во западните земји“.
Жак Бо, поранешен полковник во швајцарската армија, е исто така на листата поради дејствување како „портпарол на проруска пропаганда и ширење теории на заговор, вклучително и тврдења дека Украина организирала сопствена инвазија за да се приклучи на НАТО“.
Слични обвиненија се покренати и против поранешниот француски воен функционер Ксавиер Моро.
На листата се додадени и неколку членови на Руската главна разузнавачка дирекција (ГРУ), обвинети за бројни сајбер напади во последните години, како врз Украина, така и врз земјите-членки на ЕУ.