Добитничката на Нобеловата награда за мир нема да присуствува на доделувањето на наградата

Марија Корина Мачадо

Раководителот на Норвешкиот Нобелов институт изјави дека овогодинешната добитничка на Нобеловата награда за мир, Марија Корина Мачадо, нема да присуствува на церемонијата на доделување на наградите во Осло во среда, 10 декември.

Директорот на тој институт, Кристијан Берг Харпвикен, за јавната телевизија НРК изјави дека нејзината ќерка ќе ја прими наградата во име на венецуелскиот опозициски лидер, објави Бета.

Во вторник, прес-конференцијата на која Мачадо требаше да присуствува беше откажана. Последен пат таа се појави во јавноста пред 11 месеци.

На 10 октомври, Нобеловиот институт објави дека 58-годишната опозиционерка е добитничка на овогодинешната награда за мир за нејзината борба за постигнување демократска транзиција во Венецуела, опишувајќи ја како „жена која го држи пламенот на демократијата да гори во средина на растечката темнина“.

Видете и ова: Нобеловата награда за мир ја доби венецуелската политичарка Марија Корина Мачадо

Мачадо е под децениска забрана за патување воведена од владата на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и се крие повеќе од една година.

Мачадо ги доби изборите во рамките на опозицијата и имаше намера да му се спротивстави на Мадуро на минатогодишните претседателски избори, но владата ѝ забрани да учествува.

На нејзино место, во име на опозицијата учествуваше пензионираниот дипломат Едмундо Гонзалез.

Церемонијата на доделување на наградите за мир ќе се одржи денеска во 13:00 часот во Градското собрание на Осло во присуство на кралот Харалд, кралицата Соња и најмалку четири шефови на држави од Латинска Америка, вклучувајќи ги Аргентинецот Хавиер Мајли и Еквадорецот Даниел Нобоа.

Во меѓувреме во Стокхолм денеска ќе се одржи церемонија за доделување на Нобеловите награди во други категории - за медицина, хемија, физика, литература и економија.