Вонредна состојба во Литванија поради шверцерски балони од Белорусија

Аеродромот во Вилнус мораше привремено да се затвори неколку пати во последните месеци поради навлегувањето на белоруски метеоролошки балони над литванскиот воздушен простор

Литванија денеска (9 декември) прогласи вонредна состојба на национално ниво поради големиот прилив на шверцерски балони што лебдат над границата од Белорусија. Владата на балтичката земја, членка на ЕУ и НАТО, соопшти дека мерката е неопходна поради ризиците за националната безбедност и цивилното воздухопловство.

Специјалната регулатива им овозможува на властите да реагираат побрзо и со поголеми овластувања при прекршувања на воздушниот простор и нарушувања на авионскиот сообраќај предизвикани од балоните.

„Во борбата против хибридниот напад од Белорусија мора да ги преземеме најстрогите мерки и да ги заштитиме најпогодените области. Сите надлежни институции ги здружуваат силите за да ја отстранат заканата од шверцерските балони“, изјави премиерката Инга Ругинене.

Таа додаде дека населението нема да биде засегнато од прогласената вонредна состојба.

Работата на аеродромите во земјата мораше неколку пати привремено да биде запрена во последните недели поради метеоролошки балони што влегуваат од Белорусија.

Според официјални податоци, аеродромот во Вилнус морал да биде затворен повеќе од 60 часа од октомври наваму, што влијаело на над 350 летови и околу 51.000 патници. Балоните често ги користат шверцери за незаконско пренесување цигари преку границата од авторитарната соседна земја. Бројот на балони, сепак, значително се зголеми во последниве месеци. Литванските власти тврдат дека некои од нив биле намерно испратени во летните траектории околу аеродромите.

Во меѓувреме, Европската Унија конечно се приближува кон санкционирање на Белорусија за пуштањето метеоролошки балони над Литванија во последните месеци.

Според литванските официјални лица кои разговараа со Радио Слободна Европа под услов на анонимност, вкупно 315 неовластени балони влегле во земјата од Белорусија од јуни, достигнувајќи врв во октомври со 71 упад во воздушниот простор.

Способни лесно да достигнат големи надморски височини и со тоа да го отежнат нивното забележување со радар, повеќето балони се користат за шверц на фалсификувани цигари произведени во Белорусија. Балоните можат да се користат и како алатки за саботажа со принудно затворање на аеродромите од безбедносни причини.

Литванија го привлече вниманието на Брисел за ова прашање кон крајот на октомври, а шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас, издаде соопштение во кое ги осудува „упорните и провокативни дејствија на Белорусија против ЕУ и нејзините земји-членки“.

Но, тогаш не беа издадени санкции од Брисел, особено затоа што Вилнус не изврши притисок врз ЕУ да тргне по тој пат. Наместо тоа, Литванија се обиде со друг потег: затворање на 700-километарската граница со својот сосед.

Видете и ова: Литванија ќе ги соборува „шверцерските балони“ од Белорусија

Но, Брисел има барем една алатка и таа ќе биде искористена веднаш: проширување на режимот на санкции на ЕУ врз Белорусија за да се вклучи можноста за таргетирање на оние што испраќаат балони во Литванија.

ЕУ долго време има санкции против режимот на белорускиот претседател Александар Лукашенко. Сепак, тие влијаат врз луѓето и компаниите вклучени во кршење на човековите права, како што се репресијата врз опозицијата и граѓанското општество, функционерите во Минск кои ја поддржаа војната на Русија против Украина или оние вклучени во „инструментализацијата на мигрантите“, при што Белорусија е обвинета за преместување на африкански и азиски мигранти кон границите на ЕУ за дестабилизација на соседните земји.

Предлогот, до кој имаше увид Радио Слободна Европа, би ѝ дозволил на ЕУ да санкционира луѓе и организации кои го загрозуваат „суверенитетот или независноста на една или повеќе од нејзините земји-членки“. Тоа го прави така што ги опфаќа сите вклучени во „планирање, насочување, вклучување, директно или индиректно, поддршка или на друг начин олеснување на какви било дејствија насочени кон функционирањето на демократските институции, економските активности или услугите од јавен интерес“.

Видете и ова: Лукашенко најави воени вежби на Белорусија и Русија

Според нацрт-текстот, ваквите дејствија вклучуваат „неовластен влез на територијата на земја-членка, вклучително и нејзиниот воздушен простор“, како и „нарушување на функционирањето на критичната инфраструктура“.

Оваа мерка, која се очекува да биде одобрена од сите земји-членки на ЕУ пред Божиќ, би ѝ овозможила на Литванија (и на другите) да почнат да ставаат на црна листа повеќе Белоруси.

Но, тоа не е единствениот одговор што балтичката земја го има на ум.

Вилнус, исто така, сподели и други предложени рестриктивни мерки со Брисел што сака да му ги наметне на Минск во иднина.

Тие вклучуваат целосна забрана за трансакции за 10 белоруски банки, таргетирање на азотни ѓубрива покрај веќе санкционираниот белоруски поташ и воведување забрана од ЕУ за увоз на белоруско масло од репка и сол.