Молдавското обвинителство ја заврши истрагата и подигна обвинение против уште пет лица кои наводно учествувале на обуки во Босна и Херцеговина (БиХ) со цел предизвикување немири во Молдавија, пред претседателските избори и референдумот за пристапување кон Европската унија во 2024 година.
Меѓу овие пет лица, од кои една е жена, на возраст меѓу 27 и 50 години, има државјани на Молдавија и еден обвинет од Украина со финско државјанство.
Двајца од обвинетите играле улога на коорганизатори, обучени за координирање на подгрупи на учесници во јавни манифестации од дестабилизирачка природа. Тие се во домашен притвор, иако обвинителите побараа продолжување на ефективен притвор, соопшти Обвинителството.
Во Молдавија веќе се води судска постапка за овие обуки против четири обвинети лица за организирање кампови во Босна и Херцеговина.
Видете и ова: ЕУ ги следи заканите за изборите во Молдавија поради наводен руски заговор со обука на провокатори во СрбијаСега обвинителството тврди дека тројца од новообвинетите биле поканети на обука од една од претходно обвинетите.
„Таа им пристапила и, бидејќи немале постојано вработување, им предложила да учествуваат на ’спортски тренинг‘ во Романија, за надомест од 400-500 долари неделно (плаќани преку електронски паричници во криптовалути). Другите двајца обвинети, жена и друг маж, биле убедени да патуваат од други лица кои веќе се испратени пред суд, користејќи ги истите мобилни апликации – Телеграм и Јандекс“, се вели во соопштението.
По пристигнувањето во Романија, петмината обвинети го продолжиле своето патување кон Босна и Херцеговина, каде што останале без пасоши и телефони.
Обвинителството тврди дека во БиХ биле транспортирани во камп во шума, каде што имало неколку шатори и маси со компјутери, додека другите учесници на обуката учеле како да управуваат со дронови.
„Тие биле обучувани од лица кои зборуваат руски јазик една или две недели, фокусирајќи се на контрола на дронови, тактики на предизвикување паника и хаос, пробивање на полициски кордони, подготовка на запаливи предмети, како и за елементи на психологија“, се наведува во обвинението.
Лицата биле уапсени по враќањето во Молдавија, а биле спроведени и претреси. Пронајдени се мини-дронови со камери и механизми за исфрлање, како и пиротехника, компоненти за дронови, VR очила за дронови и радиоопрема.
Кај еден од обвинетите се пронајдени речиси 300 летоци со јасна дискриминаторска содржина, кои промовирале идеи за нетолеранција и непријателство меѓу членовите на различни верски заедници, користејќи изрази и слики што поттикнуваат омраза, отфрлање и поделби.
Во моментов, според одлуките на истражниот судија, двајца од коорганизаторите се во домашен притвор, а другите се под судски надзор.
Според молдавскиот Кривичен законик, кривичното дело организирање или водење масовни немири, извршено во околностите што ги опишува Обвинителството во овој случај, се казнува со затвор од четири до осум години.
Информациите за „руските кампови“ во Босна и Херцеговина се појавија во октомври 2024 година. Во тоа време, молдавските безбедносни агенции изјавија дека идентификувале повеќе од сто млади луѓе кои наводно биле обучени во Русија, Босна и Херцеговина и Србија, за да ја дестабилизираат земјата.
Босанските агенции биле информирани, потврдија тогаш повеќе извори за РСЕ.
Едно од лицата кои беа доведувани во врска со овие кампови и обуки е рускиот државјанин Андреј Бекер, кој претходно бил поврзан со руската платеничка група Вагнер.
Видете и ова: Знаеле ли службите за рускиот паравоен камп во Србија?Покрај камповите и обуките во Босна и Херцеговина, молдавските агенции утврдиле дека камповите работеле и во Србија. Така, на 26 септември, полицијата во Србија уапси две лица обвинети за организирање борбено-тактичка обука за молдавски и романски државјани, чија цел била предизвикување немири во Молдавија.
Апсењата дојдоа откако властите во Кишињев јавно предупредија за постоењето на борбени кампови во Србија, наведувајќи дека тие се организирани од руската тајна служба со цел дестабилизација на Молдавија.
На почетокот на декември, Молдавија изврши околу 50 претреси на неколку локации во земјата и пронајде докази дека организирана група, која претходно се обучувала во камп во Србија, планирала да предизвика немири во Молдавија.