Родители и блиски на загинатите во дискотеката „Пулс“ денеска на 6 декември повторно излегоа на марш на улиците во Кочани.
„Маршот за ангелите“ почна во 14 и 5 минути, а колоната тргна од Паркот на револуцијата, преку центарот на градот и продолжи покрај Управата за јавни приходи и полициската станица, за да заврши пред Основниот суд, каде родителите ги повторија своите барања.
Тие велат дека очекуваат правда и судење низ докази и одговорност, а не низ стихови и метафори.
„Дали судницата се претвори во Струшките вечери на поезијата? Дали таму се оди за рецитирање или за вистина? Дали зборовите треба да ја покријат смртта на нашите деца? Затоа што, од тоа го слуша јавноста, може да се помисли дека децата не загинале, дека пожар немало, дека никој не е виновен и дека трагедијата била случајна. Нашите деца изгореа живи, во чад и во паника, со крикови за помош што никој навреме не ги слушна. Обвинителството објави дека за предметот има повеќе од 200 гигабајти доказен материјал. Тоа не се празни зборови, тоа се факти. Тоа се трагите на одлуките и неодлуките, тоа е патот на одговорноста“, изјави Александар Наунов, родител на девојка почината во „Пулс“.
Родителите на загинатите велат дека маршевите ќе продолжат и во иднина, но и дека ќе го следат секое рочиште, се додека правдата не излезе на површина.
„Овој марш е за државата да почне да функционира, за институциите да не бидат празна форма, за функциите да не бидат само плата, туку и обврска“,
рече Наунов.
Судската постапка за пожарот во „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени е во тек.
Судењето почна на 19 ноември, а на рочиштето на 2 декември сите 35 обвинети физички лица се изјаснија дека не се чувствуваат виновни, а наводите во обвинението ги отфрлија и трите фирми кои се опфатени.
Следното рочиште за судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“ е закажано за 10 декември.
На обвинителна клупа седат сопственикот на дискотеката Пулс, управители, инспектори, членови на обезбедување, јавни службеници, па дури и поранешни градоначалници и функционери.