Илјадници германски ученици протестираа против плановите за воена служба

Илустрација

Илјадници ученици во Германија протестираа против плановите на владата за нова доброволна воена служба. Многу од нив излегоа од училиште за да учествуваат во протестите откако организаторите повикаа на „штрајк во училиштата против регрутација“, јави агенцијата ДПА.

Полицијата процени дека околу 3.000 демонстранти се собрале во Берлин, а 1.700 луѓе излегле на улиците во Хамбург напладне на 5 декември.

Организаторите зборуваа за бројка од 5.000 учесници.

Видете и ова: Ќе го вратат ли војните задолжителниот воен рок?

Демонстрации се одржаа и во најнаселената покраина во Германија, Северна Рајна-Вестфалија, во Дортмунд, Келн, Дизелдорф, Есен и Бохум.

Во јужна Германија, демонстрациите привлекоа неколку илјади луѓе во Минхен, Штутгарт, Фрајбург и Хајделберг.

Долниот дом на Германија го поддржа законот на 5 декември, кој сега мора да биде одобрен од Горниот дом пред да стапи на сила во јануари.

Младите мажи потоа ќе мора да поминат лекарски прегледи и да бидат регистрирани на список, додека активната служба останува доброволна. Плановите предвидуваат парламентот да одлучи за регрутација врз основа на потребите доколку целите за проширување на вооружените сили не се постигнат само преку доброволни мерки.