Молдавската полиција на 4 декември објави дека извршила околу 50 претреси на неколку локации во земјата и пронашла докази дека организирана група, која претходно била обучена во камп во Србија, планирала да предизвика немири во Молдавија.
„Организираната група наводно дејствувала со директна намера да изврши нелегални активности од големи размери и во замена за финансиска корист“, се вели во соопштението на молдавската полиција.
Во соопштението се наведува дека групата претходно била обучена во камп во Бања Ковиљача, на западот од Србија, и дека целта била „да се создаде социјална тензија, по што би следело иницирање на насилни протести со намера да се наруши јавниот ред и безбедноста на граѓаните на Молдавија“.
На 26 септември, полицијата во Србија уапси две лица кои се обвинети за организирање борбено-тактичка обука на граѓани на Молдавија и Романија, која имала за цел да предизвика нереди во Молдавија.
Апсењата дојдоа откако властите во Кишињев јавно предупредија за постоењето на борбени кампови во Србија, велејќи дека тие биле организирани од руската тајна служба со цел дестабилизација на Молдавија за време на неодамнешните избори во земјата.
Москва ги отфрли овие обвинувања.
Видете и ова: Знаеле ли службите за рускиот паравоен камп во Србија?Полицијата во Србија објави дека обуката била спроведена од 16 јули до 12 септември во угостителски објект во близина на Лозница, на западот од Србија, и дека помеѓу 150 и 170 граѓани на Молдавија и Романија поминале низ неа.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во октомври изјави дека не може да тврди дека руската служба стои зад кампот, но дека полицијата привела лица од српска националност „кои биле достапни“.
Видете и ова: Вучиќ: Во борбено-тактичкиот камп во Србија имало и тројца руски државјаниНа 4 декември, молдавската полиција изјави дека за време на претресот, меѓу другото, запленила банкарски картички, од кои некои биле издадени од финансиски институции од Руската Федерација, над 20 биометриски пасоши со печати за преминување на границата со Србија, радиостаници, двогледи, куршуми од различен калибар за смртоносно и несмртоносно оружје.
Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи на Србија не одговорија веднаш на барањето на Радио Слободна Европа за повеќе информации за овој случај.