НАТО ќе ја зајакнува безбедноста на север

Илустрација.

НАТО оваа недела ќе ги интегрира своите нордиски земји-членки под Заедничката команда на силите во Норфолк, САД, во обид да ја подобри трансатлантската безбедност и да ја зајакне позицијата на Алијансата на север, изјави на 4 декември врховниот командант на сојузничките сили на НАТО, Алексус Гринкевич.

Според новата структура, сите нордиски земји ќе бидат под капата на седиштето во Норфолк, Вирџинија, кое е фокусирано на одбрана на Северниот Атлантик, наместо како досега кога поединечни земји во регионот се под командата на НАТО во Брунсум, Холандија, која е одговорна за североисточниот крило на Алијансата.

Финска се приклучи на НАТО во 2023, а Шведска во 2024, откако руската инвазија на Украина во 2022 година ги натера двете земји да ги преиспитаат своите стратегии за национална безбедност.

Нивното членство во западниот воен сојуз од 32 земји-членки ја зајакна позицијата на НАТО на север и во регионот на Балтичкото Море, што доведе до реструктурирање на командата.

Видете и ова: Состанок на министрите на НАТО, Руте вели дека Русија се „подготвува за долгорочна конфронтација“

„Со оглед на усогласувањето на нашите противници низ целиот свет, императив е да се максимизира зајакнувањето на евроатлантската област и да се консолидира нашата позиција на север“, рече Гринкевич, генерал на воздухопловните сили на САД и врховен командант на НАТО за Европа.

Најавите тој ги даде пред новинарите во воениот штаб на Алијансата во белгискиот град Монс.

„Норфолк е стратешки мост помеѓу Северна Америка и Европа“, нагласи тој.

Командата во Норфолк ќе биде одговорна за Арктикот, Данска, Финска, Гренланд, Исланд, Норвешка, Шведска и Обединетото Кралство.