Макрон ја повикува Кина да се залага за мир и ребаланс на трговијата

Францускиот претседател Емануел Макрон и кинескиот претседател Си Џинпинг

Францускиот претседател Емануел Макрон апелираше до неговиот кинески колега Си Џинпинг да помогне во завршувањето на војната во Украина и во справувањето со трговските дефицити, додека двајцата лидери се сретнаа во Пекинг на 4 декември.

За Макрон, кој е на четврта посета на Кина додека е на функција, тридневната посета е можност да се зајакне поддршката за прекин на огнот во најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна, како и да се привлечат повеќе кинески инвестиции во Франција.

Кина, која е главен руски трговски партнер изјави дека зазема неутрален став во врска со војната, воздржувајќи се од осуда на инвазијата на Москва.

Во четврток, Си ја повтори својата поддршка за прекин на непријателствата, велејќи му на Макрон дека „Кина ги поддржува сите напори посветени на мирот и се надева дека сите страни ќе постигнат фер, траен и обврзувачки мировен договор што е прифатлив за сите страни“.

По церемонијата на дочекот, Макрон му рече на Си дека Франција и Кина мора да ги надминат своите „разлики“, а кинескиот лидер апелираше на „постабилни“ врски.

Нивната тет-а-тет средба доаѓа во време на нови обиди за посредување во ставањето крај на речиси четиригодишната војна во Украина, при што Макрон го предводи притисокот за спротивставување на планот поддржан од САД, кој е широко критикуван за одразување на барањата на Русија.

„Мора да продолжиме да работиме за мир и стабилност во светот, и во Украина и другите региони погодени од војната“, му рече Макрон на Си, додавајќи: „Нашиот капацитет да работиме заедно е одлучувачки“.

„Се надевам дека Кина ќе се придружи на нашиот повик и на нашите напори да постигнеме, што е можно поскоро, барем прекин на огнот во форма на мораториум на напади насочени кон критичната инфраструктура“, рече тој.

Видете и ова: Мировните напори за Украина сѐ уште во застој, откако разговорите меѓу САД и Кремљ постигнаа мал напредок

Макрон, кој ќе биде домаќин на самитот на Г7 следната година, исто така го повика Пекинг да соработува со групата за „поурамнотежено, пофер“ економско управување базирано на правила.

Притисок врз Украина

Тродневната посета на Макрон на Пекинг следува по патувањето во Париз на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој ја повика Европа да застане зад Киев додека Вашингтон го промовира планот за завршување на војната.

„Го делиме ставот дека војната мора да заврши фер“, напиша Зеленски на социјалните медиуми по разговорите во понеделник со Макрон, кои вклучуваа телефонски разговори и со други европски лидери.

Кина редовно повикува на мировни разговори и почитување на територијалниот интегритет на сите земји, но никогаш не ја осуди Русија за нејзината инвазија во 2022 година.

Западните влади го обвинуваат Пекинг дека ѝ обезбедува на Русија клучна економска поддршка за нејзините воени напори, особено со снабдување со воени компоненти за нејзината одбранбена индустрија.

Видете и ова: Зеленски во Париз, Виткоф во Москва, во „клучната недела“ за разговорите за Украина

Француското претседателство соопшти дека Макрон ќе му каже на Си дека Кина мора „да се воздржи од обезбедување какви било средства, со какви било средства, на Русија за да ја продолжи војната“.

Макрон, исто така, разговара за трговијата со своите кинески домаќини, при што Европската Унија се соочува со огромен трговски дефицит од 357 милијарди долари со азиската велесила.

„Неопходно е Кина да троши повеќе и да извезува помалку, а Европејците да штедат помалку и да произведуваат повеќе“, рече советник на Макрон.

Макрон претходно апелираше до Европската Унија да ја намали својата зависност од Кина и за „европски преференции“ во технолошкиот сектор.

Минатиот месец, тој на европскиот самит на технолошки лидери и министри од целиот континент изјави дека блокот не сака да биде „вазал“ на американските и кинеските технолошки компании.