Унгарија на 3 декември соопшти дека ќе покрене правна постапка против одобрувањето на привремениот договор во Европската Унија за постепено укинување на увозот на руски природен гас со цел да се стави крај на зависноста на европските земји од руската енергија.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека ЕУ влегува во „нова ера“ со постепено укинување на руските фосилни горива, вклучително и мерката усвоена на 3 декември со која се забранува увозот на течен природен гас (LNG) до крајот на 2026 година, додека увозот на гас преку цевководи ќе биде постепено укинат до есента 2027 година.
„Ова е почеток на нова ера: ера на целосна енергетска независност на Европа од Русија“, рече таа во соопштението.
„Бидејќи масовно го намаливме рускиот увоз на фосилни горива, ги намаливме и приходите што Русија ги користи за водење на својата агресивна војна против Украина, на почетокот на војната за фосилни горива ѝ плаќавме на Русија 12 милијарди евра месечно, сега сме на 1,5 милијарди евра месечно. Тоа е сè уште премногу. Нашата цел е да го намалиме на нула“, додаде шефицата на Европската комисија.
Регулативата е правно обврзувачка, што ја поттикна Унгарија, која нема излез на море и е во голема мера зависна од руските резерви, да објави дека ќе ја оспори одлуката пред Судот на правдата на ЕУ.
„Прифаќањето и спроведувањето на оваа бриселска наредба е невозможно за Унгарија“, рече министерот за надворешни работи Петер Сијарто за време на брифингот емитуван на неговата Фејсбук страница.
Видете и ова: ЕУ постави рок за прекин на увозот на руски гас до 2027 година„Штом планот RePowerEU формално биде усвоен, веднаш ќе го оспориме пред Судот на правдата на Европската Унија“, додаде тој на X.
Сијарто рече дека одлуката го крши основачкиот документ на ЕУ и оцени дека станува збор за санкција против Русија, а не за потег на трговската политика.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој честопати ја критикуваше Европа за заземање на она што го нарече „тврд став“ кон Русија поради нејзината војна во Украина, рече дека руските енергетски ресурси се „витални“ за Унгарија.
Словачка, која исто така се пожали на влијанието што напуштањето на снабдувањето со енергија од Русија би го имало врз нејзината економија, рече дека размислува за одговор на усвојувањето на новите мерки.