Комитет за надворешни работи на ЕП: Проширувањето е геостратешка инвестиција во безбедноста

илустрација

Руската агресија врз Украина сериозно го дестабилизира источното соседство на ЕУ, предизвикувајќи ефекти на прелевање во Западниот Балкан, кои се закануваат да ги забават реформите и да поттикнат антиевропски наративи, па затоа проширувањето на ЕУ претставува геостратешка инвестиција во регионалната безбедност и стабилност.

Како што јави МИА, ова се наведува во Извештајот за заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ за 2025 година, што денеска, 2 декември го усвои Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) со 42 гласа „за“ и 14 „против“.

„Од Украина до Кавказ, од Блискиот Исток до Сахел, Арктикот и пошироко, околу Европа се формира лак на нестабилност, што е пример за радикалната неизвесност во која функционира ЕУ“, се наведува во Извештајот.

Во документот се повикуваат земјите членки на „поголема и потранспарентна употреба на конструктивната воздржаност“ при одлучувањето во согласност со член 31 став 1 од Договорот за Европската Унија, во случаи кога „не можат да поддржат одлука, но не сакаат да го блокираат колективното дејствување на ЕУ“.

„Ваквиот пристап ја зајакнува способноста на ЕУ брзо и кохерентно да реагира на меѓународни кризи, почитувајќи го националниот суверенитет, а исто така покажува и дека е можна поголема ефикасност во заедничката надворешна и безбедносна политика и без промена на Договорот“, посочуваат членовите на Комитетот за надворешни работи.

Во извештајот се изразува поддршка за „дипломатско решение за војната во Украина“, но се предупредува дека секој договор наметнат од страна на Русија или со кој ќе биде „наградена“ нејзината агресија, би ја поткопало европската безбедност. Европратениците ги повикуваат земјите членки на ЕУ да продолжат да ја снабдуваат Украина со оружје и муниција, особено со системи за противвоздушна одбрана и со капацитети со голем дострел.

Видете и ова: Извештај на ЕП: Билатералните прашања не смеат да бидат пречка за пристапување во ЕУ

Комитетот предупредува дека „минилатералните“ формати сè повеќе ризикуваат да ги фрагментираат глобалните норми, па оттаму за решавање на конфликтите и за глобалното управување клучна улога мора да имаат мултилатералните организации, особено Обединетите нации. За зајакнување на улогата, ефикасноста и демократската застапеност на ОН, во извештајот се повикува и на сеопфатни реформи на Организацијата.

По повод усвојувањето на Извештајот, претседателот на АФЕТ, германскиот европратеник Дејвид Мекалистер изјави дека документот, усвоен со „големо мнозинство“, утврдува јасна и стратешка ориентација за надворешната политика на ЕУ во време на сè поголема нестабилност.

„Се соочуваме со растечки авторитарен притисок, ослабен мултилатерален систем и растечка глобална конкуренција. Европската Унија мора да одговори со поголемо единство, отпорност и капацитет за дејствување. Централен приоритет останува одбраната на меѓународниот поредок базиран на правила, вклучувајќи ја нашата непоколеблива поддршка за Украина и цврстиот став против секој обид за поткопување на суверенитетот, територијалниот интегритет или меѓународното право. Од витално значење останува кохерентниот европски пристап кон другите тековни кризи, вклучително и на Блискиот Исток, бидејќи само кредибилна дипломатија и одржлив ангажман можат да обезбедат трајна стабилност“,рече Мекалистер.

Извештајот ќе биде ставен на усвојување од страна на Европарламентот за време на неговата пленарна сесија во јануари 2026 година.