МВР: Во Скопје за 12 часа речиси три илјади возачи поминале на црвено

Илустрација, скопски сообраќен хаос

Вкупно 65 илјади возачи направиле сообраќаен прекршок во привите 12 часа откако е ставен во функција долгонајавуваниот „Безбеден град“ (Сејф Сити).

Според податоците кои ги сподели Министерството за внатрешни работи (МВР) во пробниот период од пуштањето во употреба на овој систем се регистрирани 2800 возачи кои со своите автомобили поминале на црвено на семафор. Дополнително биле евидентирани околу илјада нерегистрани автомобили.

Министерот Панче Тошковски изјави дека повеќе нема да има толеранција за несовесно возење, без разлика дали е во градска зона или на отворен пат.

„Безбеден град’ е проект кој штити животи и ја враќа дисциплината во сообраќајот“, истакна министерот Тошковски при посетата на објектот, каде што е сместен централниот систем „Безбеден град“ (Safe City).

Во соопштението од МВР е наведено дека првиот месец ќе биде пробен, односно ќе служи за предупредување на граѓаните за прекршоците кои што ги прават во сообраќајот. Системот со помош на камери, сензори и уреди за снимање ќе регистрираат : брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање.

„Во следната фаза е предвидено проширување на спектарот на прекршоци“, велат од МВР без да откријат повеќе детали.

Според последните податоци од август кои ги доби РСЕ од СВР Скопје, со физичката полициска контрола на сообраќајниците полицијата успевала да евидентира по околу 500 казни на ден.

Според најавите на МВР, прекршителите ќе бидат казнувани од 1 јануари 2026 година.

Системот за почеток ќе се имплементира во Скопје, Тетово и Куманово, а планирано е да опфати и делници од Коридор 8 и Коридор 10. До средината на 2026 година целата држава ќе биде покриена со камерите, изјави неодамна министерот Тошковски.

Видете и ова: „Безбеден град“ лови илјадници прекршоци дневно, казните чекаат законски измени

Во просек годишно во земјава гинат по повеќе од 120 луѓе, или 65 загинати на еден милион жители, покажува статистиката на МВР. Најмалку загинати во сообраќајни несреќи, 22 на еден милион жители годишно, има Шведска, околу 30 имаат другите балтички земји и Швајцарија, во Централна Европа просекот е околу 45, а просекот во Западен Балкан е околу 70, додека во Северна Македонија е 65, но најмногу има Романија со 86.

Северна Македонија има и свои домашни, но и меѓународни цели што треба да ги исполни за да ја намали смртноста на патиштата. Во Националната стратегија за транспорт целта е до 2030 година бројот на жртви на патиштата да се намали за 50 отсто и а да нема ниту едно дете кое ќе загине во сообраќајка.

Видете и ова: За осум месеци 90 луѓе загинаа во сообраќајни несреќи

Системот „Безбеден град“ прв пат како идеја беше промовиран во 2012 година, од тогашната влада предводена од премиерот Никола Груевски. Тогаш Министерството за внатрешни работи (МВР) постави околу 600 камери на системот „Сејф сити“ (Safe city) низ Скопје и во неколку други градови. Првично во јавноста беше соопштено дека тие треба да служат за регистрирање на сообраќајни прекршоци, но, никогаш не беше набавен софтвер за оваа намена па снимките од нив останаа да служат на тајните служби и во разрешување на кривични дела. Меѓудругото една од пречките за некористење на системот беа и законските измени кои минатата година беа донесени.