Сомнеж за труење со храна кај деца во скопско училиште

Илустрација

Поради сомнеж за труење со храна, повеќе деца од основното училиште „Димо Хаџи Димов“ 26 ноември не се појавиле на настава.

Деветмина пријавиле здравствени проблеми, а дел од нив биле примени на скопските клиники со стомачни тегоби и повраќање. Инспекциските служби по целодневни проверки ја затворија училишната кујна во Карпош.

„Земени се мостри и се вршат анализи. Првичните резултати се очекуваат утре“, изјави за директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска за Дојче веле.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат наредил вонредно чистење и здравствени прегледи на вработените во училиштето, а земени се и мостри од работните површини.

Директорката на „Димо Хаџи Димов“, Лела Николоска, во изјава за порталот „360 степени“, потврдила дека децата кои пројавиле симптоми се ученици од прво до петто одделение. Точниот број на засегнати ученици, како што изјави Николоска, е побаран од ИЈЗ за да се утврди колку деца пријавиле симптоми.

Видете и ова: Деца заразени со салмонела во училишта во Карпош

Таа истакнала дека бројката на отсутни ученици не може да се спореди со реалната состојбата бидејќи дел од учениците превентивно се задржани дома од своите родители, дел од претходно отсуствувале поради сипаници или бронхит.

„Од надлежните чекаме да видиме што ќе добиеме како насока за како понатаму да постапуваме“, вели Николоска за 360 степени.

Двајца ученици се хоспитализирани на Детската клиника. Децата се во стабилна состојба, но биле примени со симптоми на труење, стомачни болки и повраќање.

Како што објави „360 степени“, меѓу учениците кои побарале помош бил и помалиот син на премиерот Христијан Мицкоски, кој два дена е на болничко лекување.

Училишната менза во Основното училиште Димо Хаџи Димов се снабдува со храна од приватната компанија Ванила Фуд. На нивната веб страница е објавена и фотографија на која е прикажано дека за време на летниот одмор, била реновирана мензата во тоа училиште.

Ова е втор случај на труење со храна во основни училишта во општината Карпош. Претходно во 2023 година, најмалку девет случаи на деца заразени со салмонела беа пријавени во три основни училишта во општината Карпош, каде што со храна беа снабдувани од приватната компанија Ванила Фуд.

Тогаш, по извршените контроли Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека се уредни резултатите од земените мостри од храна и суровини за подготовка на храна од сите училишни кујни во општина Карпош, каде што беа пријавени случаи на сомнежи на труење и беше спроведен вонреден инспекциски надзор.