САД и Русија разговараа за мировниот план, Зеленски предупредува дека „има уште многу работа“

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Американските и руските претставници одржаа разговори за да го доработат мировниот план за ставање крај на војната на Русија во Украина, додека Вашингтон го зголемува притисокот врз двете страни за постигнување договор што би го завршил најголемиот и најкрвавиот конфликт во Европа од Втората светска војна до денес.

Секретарот на американската армија, Ден Дрискол, се сретна со руска делегација во Абу Даби на 25 ноември, потврди портпаролот на војската, во обид да ги намали разликите во ставовите за мировниот предлог што администрацијата на Доналд Трамп го состави по разговорите меѓу американските и украинските претставници во Женева.

Украинските претставници отпатуваа во Абу Даби на нови разговори со Дрискол и други американски претставници, објавија CBS News и Financial Times.

Разговорите доаѓаат во време кога Русија повторно го бомбардираше Киев, при што загинаа најмалку шест лица, а 13 беа ранети.

Видете и ова: Русија го бомбардира Киев додека САД водат разговори за мировниот план

Потполковникот на американската армија, Џеф Толберт, портпарол на Дрискол, рече дека тој и неговиот тим разговараат со руската делегација за да постигнат траен мир во Украина.

„Разговорите одат добро и оптимистички. Секретарот Дрискол е во тесна врска со Белата куќа додека овие разговори продолжуваат“, рече Толберт.

Првичниот предлог на САД од 28 точки за мировен договор од многумина беше оценет како многу поволен за Москва.

Украинските претставници претходно беа во Женева за да се сретнат со американски претставници, вклучувајќи го и државниот секретар Марко Рубио, во обид да изработат нацрт-договор што ќе бара помалку отстапки од Украина и нема да резултира со она што некои во Киев го сметаа за речиси капитулација.

За време на разговорите во Женева, нацрт-договорот беше намален на 19 точки, а украинските претставници рекоа дека некои од најчувствителните прашања, вклучувајќи ги и безбедносните гаранции за Киев, остануваат на маса.

„Синоќа, Русија изврши уште еден напад, додека Украина, заедно со Америка, Европа и многу други низ целиот свет, работи практично нонстоп за да го запре крвопролевањето“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски по разговорите со британскиот премиер Кит Стармер.

„По состаноците во Женева, гледаме бројни перспективи што можат да го направат патот кон мирот реален. Има солидни резултати, но останува уште многу работа да се заврши“, додаде тој.

Рустем Умеров, поранешен министер за одбрана, кој сега е секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина и член на преговарачкиот тим на Киев, во објава на Фејсбук посочи дека „најважните точки од мировниот план се договорени“.

„Нашите делегации постигнаа заедничко разбирање за клучните елементи на договорот за кој се разговараше во Женева. Сега сметаме на поддршката од нашите европски партнери во следните чекори“, рече Умеров.

Видете и ова: Шефот на НАТО, Руте, за РСЕ: Потребен е „внимателен дијалог“ за Украина

„Со нетрпение го очекуваме патувањето на украинскиот претседател во САД што е можно поскоро во ноември, за да ги завршиме последните чекори и да постигнеме договор со претседателот Трамп“, додаде тој.

Стармер рече дека состанок на таканаречената „Коалиција на подготвените“, група од повеќе од 20 земји што ја поддржуваат Украина, ќе се одржи подоцна на 25 ноември за да се разгледаат предлозите, но додаде дека преговорите се чувствителни.

„Сè уште имаме долг пат пред нас и тешка задача, но сме повеќе од кога било посветени на оваа цел и на движењето на процесот напред“, рече тој.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 25 ноември изјави дека „нема што да каже“ за извештаите од состаноците, но дека Русија верува оти предлогот на САД „може да стане многу добра основа за преговори“.