Авторитарниот белоруски лидер Александар Лукашенко помилува и ослободи 31 украински државјанин кои биле притворени во Белорусија – потег кој, според Минск, е дел од договор постигнат со американскиот претседател Доналд Трамп.
Украинскиот координациски комитет за размена на затвореници ја потврди акцијата на 22 ноември, соопштувајќи дека примил цивили од белоруските власти.
„Жени и мажи притворени во Белорусија и осудени на различни затворски казни од две до 11 години се враќаат во Украина“, соопшти комитетот на социјалната платформа Телеграм.
„Изразуваме благодарност до Соединетите Американски Држави и претседателот Доналд Трамп за нивната плодна работа во враќањето на украинските цивили и воен персонал од Белорусија и Русија“, се додава во соопштението.
Конкретните обвиненија под кои затворениците биле притворени не беа веднаш јасни. Украинските претставници рекоа дека „ова се цивили – мажи и жени – кои биле притворени поради проукраински став, обвинети за помагање и поддршка на Украина“.
Лукашенко, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, одобри ослободување на неколку притвореници во последната година додека настојува да ги подобри односите со Западот.
Видете и ова: Трамп ги критикува ЕУ и Украина, додека дипломатските преговори траат во ЖеневаБелорускиот лидер се надева дека подобрите односи ќе доведат до ублажување на западните санкции воведени поради соработката на земјата со Русија во нејзината целосна инвазија врз Украина во февруари 2022 година.
Но, додека Минск инсистира на наративот за затоплување на односите со Вашингтон, се појавуваат сериозни прашања поради извештаи за тортура и малтретирање на претходно ослободени затвореници.
Трамп назначи специјален пратеник за Белорусија со цел да преговара за дополнителни ослободувања.
Американскиот претседател, кој ги изненади многумина со телефонскиот разговор со Лукашенко во август, изјави во септември дека верува дека источната европска држава ќе ослободи многумина од стотиците политички затвореници што ги држи.
„Верувам дека ќе ослободат многумина од тие 1.400“, рече Трамп на 5 септември, додавајќи дека тоа би можело да се случи „во доста блиска иднина“.