ОЈО: Постапки против 11 лица за поткуп и злоупотреби поврзани со даночното работење на „Пулс“

Јавно обвинителство

Основното јавно обвинителство Кочани поведе постапка против вкупно 11 лица за коруптивни кривични дела поврзани со работата на клубот „Пулс“, соопшти Јавното обвинителство.

Во соопштението се вели дека за тројца од нив донесена е наредба за спроведување истрага.

Станува збор за двајца даночни контролори од Службата за даночна контрола при Регионалниот даночен инспекторат во Регионална дирекција Штип, кои ја искористиле својата службена положба и овластување и пристапот до податоци и информации за ненајавени контроли во правни субјекти – даночни обврзници и со цел да прибават противправна имотна корист и подароци му ги откривале информациите и го предупредувале за контролите одговорното лице во клубот.

„Тие се осомничени за – Примање поткуп од член 357 од Кривичниот законик, додека одговорното лице – син на реалниот сопственик на клубот „Пулс“ е осомничен за – Давање поткуп од член 358 од Кривичниот законик. За првите двајца обвинителството до надлежниот суд достави предлог за определување мерка притвор, додека за третиот на сила се мерки на претпазливост во првиот предмет поврзан со пожарот во „Пулс“, па се бара проширување на тие мерки со забрана за воспоставување и одржување контакти и со новоосомничените“, се вели во соопштението од Обвинителството.

Видете и ова: Приведени десеттина вработени во УЈП во Штип

Во него се посочува и дека шестмина осомничени, даночни инспектори и управници од регионалните дирекции на УЈП во Штип и Струмица, им овозможувале на правните субјекти „ММММ кафе“ и „Пулс“ да ги избегнуваат даночните контроли и да работат без соодветна фискализација, со што се осомничени дека сториле – Злоупотреба на службената положба и овластување согласно член 353 од Кривичниот законик.За нив се предложени мерки на претпазливост.

„Сопственикот на „Пулс“ кој веќе е во притвор во другиот предмет е осомничен за Фалсификување исправа според член 378 од Кривичниот законик, бидејќи подолг временски период свесно и со умисла за време на контроли од Управата за јавни приходи приложувал преправени фискални апарати со контролни фискални извештаи со невистинити податоци, кои истиот ги употребувал како вистински, а се со цел и намера избегнување на парични глоби и затворање на објектот“, пишува во соопштението од Обвинителството.

Осомничена е и инспекторка од Државниот пазарен инспекторат која исто така е опфатена со претходната постапка, во која и се определени мерки на претпазливост и за која сега се обезбедени дополнителни докази и за кривично дело Оддавање службена тајна од член 360 од Кривичниот законик поради откривање информации за ненајавени контроли.

Инаку, утринава Републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски и од Министерството за внатрешни работи потврдија дека во тек е истрагата на повеќе локации во земјата, а во која се опфатени вработени во Управата за јавни приходи.

За предметот рече дека ќе се води во Обвинителството во Кочани, со оглед на тоа што тоа е подрачјето на извршувањето на евентуалното кривично дело.

Коцевски посочи дека истиот не може да се спои со предметот за пожарот во дискотеката бидејќи, како што посочи, се работи за кривични дела за злоупотреба на службена должност и овластување и земање и давање поткуп, односно, како што објасни, се работи за кривични дела што немаат врска со предметот што е во тек за кривичниот настан во дискотеката во Кочани.

Видете и ова: „Дискотеката „Пулс“ во Кочани со години била буре барут“, оцени еден од обвинителите на првото рочиште

По осум месеци вчера почна судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а 200 беа повредени. Вкупниот број на обвинети во судскиот процес е 35 лица и три фирми. Меѓу нив се поранешни министри за економија, бивши градоначалници на Кочани, инспектори и други службеници.

Судењето ќе продолжи во вторник, 25 ноември, со изјаснување за вина на обвинетите и воведни зборови на одбраната.