Русија го задржува правото да побара судска заштита за Лукоил во Бугарија

Илустрација, рафинеријата на Лукоил во Бургас, Бугарија

Рускиот „Лукоил“ на 19 ноември соопшти дека го задржува правото да побара судска заштита на своите права и, како што вели, легитимните интереси во Бугарија, откако таму беше назначен надворешен управител за управување со неговите средства, јавува новинската агенција Ројтерс.

„Лукоил ги презема сите неопходни чекори за да ја заврши продажбата на рафинеријата, мрежата на бензински пумпи и другите средства во Бугарија на нов сопственик и очекува дека активностите на надворешниот администратор нема да го попречат овој процес“, соопшти компанијата.

Минатата недела, бугарската влада назначи специјален управител кој ќе го надгледува работењето на рафинеријата на „Лукоил“ во Бургас по 21 ноември, кога треба да стапат на сила санкциите на САД, и да ја продаде компанијата доколку е потребно. Вашингтон ги воведе санкциите поради војната на Русија против Украина.

Законските измени му даваат на идниот специјален управител (назначен од државата) широки овластувања, вклучително и можност за продажба на средствата на компаниите, а неговите дејства се исклучени од судска контрола.

Видете и ова: Зошто бугарските служби ја чуваат рафинеријата Лукоил во Бургас?

Минатата недела, претседателот на Бугарија Румен Радев стави вето на измените, кои беа поништени од парламентарната комисија за енергетика само неколку часа подоцна.

Во среда на 13 ноември, лидерот на владејачката ГЕРБ, Бојко Борисов изјави дека веќе е избрано лице за позицијата специјален управител, без да го прецизира неговото име.