Народна банка - Економски раст во 2025 од 3,5 отсто и пад на инфлацијата на 3,9

Народна банка НБРМ.

Македонската економија покажува отпорност и стабилност, со очекуван солиден раст и постепено намалување на инфлацијата во следните години, покажуваат најновите макроекономски проекции на Народната банка за периодот 2025–2028 година, што ги претстави гувернерот Трајко Славески пред дипломатскиот кор и претставници на меѓународните институции.

Според проекциите, инфлацијата во 2025 година ќе изнесува во просек 3,9 отсто, а потоа ќе продолжи да опаѓа – на 2,5 проценти во 2026 година и 2 отсто на среден рок. Постепеното стабилизирање, како што наведуваат од Народната банка, ќе биде резултат на смирени ценовни притисоци и стабилни инфлациски очекувања.

Видете и ова: Минималната плата веројатно ќе чека „минимално“ покачување до март

Економскиот раст во 2025 година се предвидува на 3,5 проценти со можност да достигне 4 отсто на среден рок. Главен двигател ќе бидат инвестициите, особено јавните инфраструктурни проекти, а растот ќе биде дополнително поддржан од домашната потрошувачка, извозот и кредитната активност, која се очекува да расте со над 7 проценти годишно.

Проекциите покажуваат дека дефицитот на тековната сметка ќе изнесува 4,2 отсто од БДП во 2025 година, но се очекува постепено намалување до 2,6 проценти до 2028 година. Народната банка предвидува стабилни странски директни инвестиции и раст на девизните резерви.

Сепак, институцијата предупредува дека глобалните економски услови остануваат неизвесни и потенцира потреба од претпазливо водење на макроекономските политики.

Гувернерот Славески додаде дека доколку продолжи трендот на намалување на инфлацијата, Народната банка е подготвена да преземе мерки за натамошно нормализирање на монетарната политика.