Животните трошоци поскапи за 4,5 проценти во однос на лани

Илустрација

Трошоците на животот во октомври годинава биле за 4,5 проценти поскапи од лани, додека ценита на малопродажба изминатиот месец рипнале за само 2,8 проценти во однос на октомври претходната година, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.

Тоа значи дека ако лани сте плаќале месечно за храна по 10 илјади денари, годинава таа сметка е поголема за 450 денари.

Видете и ова: Јовановиќ- На Владата и одговара инфлацијата

Според податоците од Државниот завод за статистика, инфлацијата во октомври е за 0,2 проценти помала од септмври годинава.

Намалувањето на месечно ниво се должи на помалите трошоци во делот на транспортот за 6,1 процент, мебелот и одржувањето на домаќинствата за 0,3 проценти и во делот образование и култура за 0,1 процент.

Но, и покрај намалувањето во последните два месеци, податоците на Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат дека синдикалната минимална кошничка во последните четири години, откако започна енергетската криза, е зголемена за речиси 86 проценти.

Таа во декември 2021 година изнесувала околу 35.000 денари, а до септември годинава се зголемила на повеќе од 65.000 денари. Само во последните две години зголемувањето е 40 отсто, покажуваат податоците на ССМ.

Инфографика - Раст на платите и пензиите во однос на растот на трошоците за живот декември 2021 - септември 2025

Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања истакна дека очекува годишната ставка на инфлација оваа година да заврши меѓу три и пол и четири проценти, што, според него, е едно од најниските во Европа и во регионот. Истовремено тој изрази очекување дека следната година нивото на инфлација ќе се движи меѓу 2 и 3 проценти.

„Очекувам во октомври можеби да се движиме помеѓу четири и четири и половина проценти поради ниското ниво минатата година во октомври. Тогаш ги аплициравме оние мерки за замрзнување на маржите и слично. Но, потоа очекувам пристојно намалување во ноември и во декември“, рече Мицкоски.

По објавувањето на стапката на инфалција се огласи опозицискиот СДСМ.

„Овој пораст е јасен показател дека економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ се целосно промашени и без никаков резултат“, велат од СДСМ.