Приведени демонстранти кои прекинаа израелски концерт во Париз

Илустрација, архивска фотографија, про- палестински поддржувач во Париз, Франција

Демонстранти користеа светлечки ракети за да прекинат концерт на Израелската филхармонија во Париз во четвртокот вечерта, соопштија француските власти на 7 ноември. Четворица од нив вечерта беа приведени. Ова е најнов во бранот антиизраелски инциденти поврзани со конфликтот во Газа.

На снимките објавени на социјалните мрежи, се гледаат демонстранти како палат светлечки ракети и скандираат пропалестински слогани во концертната сала „Ла Филхармони“ во северен Париз, додека некои членови на публиката и обезбедувањето се обидуваа да ги отстранат.

И покрај хаосот и неколкуте прекини, концертот продолжи откако демонстрантите беа евакуирани.

„Силно ги осудувам акциите извршени синоќа за време на концерт во Филхармонијата во Париз. Ништо не може да ги оправда“, напиша министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез на социјалната платформа „Х“ (порано позната како Твитер).

Видете и ова: Вашингтон ја претстави нацрт-резолуција за планот на Трамп за Газа пред партнерите во ОН

„Им благодарам на вработените од париската полиција кои овозможија брзо апсење на неколку сторители на сериозни нарушувања во салата и ги задржаа демонстрантите надвор. Четири лица се приведени“, додаде тој.

Обвинителството во Париз соопшти дека три жени и еден маж се во притвор, под обвинение за насилство, уништување и организирање неовластен протест.

Министерката за култура, Рашида Дати, на Х ги осуди нарушувањата како спротивни на „основните права на нашата Република“.

Филхармонијата соопшти дека поднела кривична пријава.