Полска преговара за зголемување на увозот на природен гас од Содинетите Држави за снабдување на Украина и Словачка, што дополнително би ги зајакнало врските на Европската Унија со американските производители на енергија, изјавија два извори запознаени со преговорите.
„Соработуваме со нашите партнери - Американците, Словаците, Украинците - за можноста за увоз на американски гас со цел да се зголеми енергетската безбедност на нашиот регион“, наведе за Ројтерс, Министерството за енергетика на Полска.
Се очекува официјалните лица да објават заедничка декларација за зголемување на увозот откако вклучените страни ќе се сретнат на трансатлантската конференција за енергија во Атина подоцна оваа недела.
„После тоа, ќе има разговори за условите за испорака до Словачка“, изјави изворот за Ројтерс.
Потенцијалните количини што ќе се испорачуваат на југ преку Полска би можеле да достигнат и до четири до пет милијарди кубни метри гас годишно, приближно еквивалентно на годишната потрошувачка на гас во Словачка, рекоа изворите.
Се очекува ова да биде најновиот во серијата енергетски договори постигнати меѓу европските и американските владини претставници и компании по притисокот од Вашингтон за зголемување на извозот на американски гас и нуклеарна технологија.
Во октомври, Европската Унија презентираше нови планови за прекин на снабдувањето со руска нафта и гас, со нов пакет санкции со кои се забранува увозот на руски течен природен гас (ЛНГ) до 2027 година.
Видете и ова: Руската забрана за извоз на енергија ја открива зависноста на Централна Азија од МоскваНекои членки на ЕУ сè уште купуваат руска енергија, а во исто време ја поддржуваат Украина во војната. Словачка и Унгарија се обидуваат да балансираат помеѓу статусот на сојузници на Вашингтон и увозот на руска енергија, што предизвика критики од американскиот претседател Доналд Трамп.
Во септември, американскиот министер за енергетика Крис Рајт им испрати на европските министри „многу силна порака за сигурноста на САД како енергетски партнер и интересот на Америка за поголема соработка со Европа“.
Истиот месец, американскиот министер за внатрешни работи Даг Бургум се сретна со италијанскиот министер за енергетика и вети дека ќе ги продлабочи врските со зголемување на продажбата на американски природен гас. Наскоро италијанската компанија Едисон потпиша 15-годишен договор за снабдување со природен гас.
Видете и ова: Ограничувањето на цената на нафтата и словачкото вето - пречка за нови санкции од ЕУ за РусијаПотоа Рајт се сретна со полски и словачки претставници во Виена. На 7 октомври, Словачка потпиша договор со САД за нова нуклеарна централа.
Потрошувачката на природен гас во ЕУ достигна историски нивоа оваа година, при што САД моментално обезбедуваат околу 55 проценти од европската потрошувачка, во споредба со 27 проценти во 2021 година.
Како што објави Ројтерс, целосната замена на увозот на руски гас со американски течен природен гас (LNG) би го зголемила тој удел на повеќе од 80 проценти.