Летонија го одложи повлекувањето од Истанбулската конвенција

илустрација

Летонскиот парламент го одложи повлекувањето од Истанбулската конвенција против насилство врз жените, по отпорот од претседателот на земјата и протестите, јавуваат агенциите.

На повтореното гласање, откако претседателот Едгарс Ринкевич го врати законот за повлекување во парламентот, пратениците се согласија да ја одложат одлуката за ова прашање до ноември 2026 година.

Парламентот првично, кон крајот на минатиот месец, гласаше за повлекување, тврдејќи дека конвенцијата воведува дефиниција за пол што оди подалеку од биолошкиот пол, дефинирајќи го како општествен конструкт.

Видете и ова: Парламентот на Летонија гласаше за повлекување од Истанбулската конвенција

Пратениците тврдеа дека заштитата во летонскиот закон е доволно прецизно формулирана и дека повлекувањето од Истанбулската конвенција нема значително да ја промени правната ситуација.

Резултатот од денешното гласање значи дека одлуката ќе ја донесе следниот парламент, бидејќи се очекува Летонија да одржи парламентарни избори во октомври 2026 година, што би можело ова прашање да го претвори во клучна изборна тема.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Зошто земјите се откажуваат од Истанбулската конвенција?

Летонската премиерка Евика Силиња го поздрави одложувањето, велејќи дека тоа е „победа за демократијата, владеењето на правото и правата на жените“.