„Во изминатите два месеца постигнавме нешто што не можевме да го замислиме“, порача вечерва на прес конференција Амар Мециновиќ кој во трката за градоначалник на Град Скопје, влезе како кандидат на партијата Левица.
Од обработени 98,98 проценти од податоците за одѕивот на денешното гласање во рамките на вториот круг од локалните избори, Мециновиќ освои 60.303 гласови, односно 36,53% од гласовите - покажува статистиката објавена на веб страницата на Државната изборна комисија.
На кусата прес конференција, тој ја обвини владеачката ВМРО-ДПМНЕ за авторитарност.
„Скопје се разбуди и одлучи дека може да се гласа и да се избере поинаку. За жал, на крај видовме дека имаше обид од страна на владеачката авторитарна ВМРО-ДПМНЕ да го смени сето ова со нивни методи, но не успеа да ги обесхрабри скопјани кои во толку голем број покажаа дека не е толку јасна позицијата на владеачката партија како што мислеа. Во следните две и пол години, Скопје само дополнително ќе се мобилизира“, додаде Мециновиќ.
Видете и ова: ДИК: ВМРО-ДПМНЕ води во 19, ВРЕДИ во 5, СДСМ во 4 општиниПретходно, претседателот на Левица, Димитар Апасиев посочи дека од неопределените гласачи, 66 отсто не излегле на гласање.
Според него, ова значи дека две третини од скопјани, не гласале.
„ВМРО стагнира, Левица дуплира. Ова само покажува дека опозициските тенденции веќе се престројуваат позади Левица. Од втора партија на ниво на цело Скопје, вечерва обзнанувам дека сме прва партија, дури и пред ВМРО-ДПМНЕ во Центар, во Карпош и во урбаниот дел од Аеродром“, изјави Апасиев.
На денешниот, втор круг од локалните избори, жителите на Град Скопје бираа меѓу Мециновиќ и Орце Ѓорѓиевски од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ која прогласи победа.