Косовските власти приведоа српски полицаец на граничниот премин Јариње

Граничен премин Јариње

Косовските власти приведоа припадник на српската полиција на граничниот премин Јариње, кој ги поврзува двете земји, под сомнение за неовластен увоз на муниција и неовластено поседување оружје и експлозивни материјали.

Косовската полиција не го објави името на уапсениот маж, но рече дека тој е државјанин на Косово и Србија и дека бил уапсен утрото на 1 ноември.

Тој беше приведен додека властите истражуваат.

Во својот дневен извештај од 2 ноември, косовската полиција објави дека од автомобилот на осомничениот, со српски регистарски таблички, пронајдени се и земени 51 куршум, 9.900 евра во готово и 26.000 српски динари.

„Лични документи како што се лична карта заедно со значка на српската полиција, лична карта на синдикатот на српската полиција, лични карти на Србија и Косово, српски пасош, пар ракавици и USB-уред се земени од осомничениот“, се наведува во соопштението.

Видете и ова: Дронови на небо, тензии на земја

Неговото апсење доаѓа неколку месеци откако Косово протера двајца припадници на Министерството за внатрешни работи на Србија во јуни под сомнение за нарушување на националната безбедност и им забрани влез во траење од пет години.

Канцеларијата на Владата на Србија за Косово тогаш објави дека Косово протерало вкупно 11 косовски Срби кои се дел од српската полиција. Сепак, косовските власти не открија колку членови на српското министерство за внатрешни работи се протерани досега.

Во меѓувреме, Србија уапси припадници на косовската полиција, а неодамна и полицаецот Арбнор Спахиу, кој е во притвор од 9 јуни во Суботица, град на север од Србија.

Србија го обвинува Спахиу за извршување на „тешко убиство“ во Бањска - северниот дел на Косово - каде што група вооружени Срби ја нападнаа косовската полиција во септември 2023 година, убивајќи го наредникот Африм Буњаку.

Сепак, косовската полиција потврди дека Спахиу не бил припадник на полицијата во тоа време.