Десетици илјади луѓе ги дочекуваат студентите кои пешачејќи стигнуваат во Нови Сад

Пречек на студентите во Нови Сад /31 октомври 2025 година

Десетици илјади луѓе во Нови Сад вечерва (31 октомври) ги пречекуваат студентите, средношколците и другите граѓани кои пеш пристигнуваат во градот за одбележување на годишнината од загинувањето на 16 лица при падот на настрешницата на Железничката станица на 1 ноември.

Прва пристигна групата студенти од Нови Пазар, на југозападот на Србија, која го помина и најдолгиот пат, а беа пречекани со огномет, факели, аплаузи и овации.

Колегите од Нови Сад им врачија благодарници „за секој изминат чекор во борбата за слобода“.

Пречек на студентите во пресрет на комеморативниот собир во Нови Сад

Минувајќи и стотици километри, кон Нови Сад маршираат групи студенти, средношколци и граѓани од различни делови на Србија.

Ден пред годишнината од несреќата, пристигнаа и велосипедисти од Белград, Ниш и други градови.

На комеморативниот собир на 1 ноември повикаа студентите кои една година ги предводат антивладините протести, со кои се бара кривична и политичка одговорност за несреќата.

„Солидарноста не можат да ни ја одземат“

На марш долг 400 километри, студентите од Нови Пазар тргнаа пред 16 дена, пешачејќи симболично за секоја жртва на несреќата.

Видете и ова: Околу 4000 студенти пешачеа од Белград до Нови Сад

„Кога тргнавме, сите мислеа дека сме луди и дека нема да успееме. А успеавме благодарение на вас и на целиот народ на Србија“, им порача на присутните студентот на Универзитетот во Нови Пазар, Енес Џоговиќ, додавајќи дека солидарноста „никогаш нема да можат да ни ја одземат“.

„Моите колеги се моето ново семејство, и како што не можат нас да нè поделат, така не можат да ја поделат ни Србија. Секој наш чекор е чекор кон подобра иднина за сите нас. Заедно ќе победиме“, рече тој.

Од Белград од 30 октомври пешачи група од околу четири илјади студенти.

Група студенти од Суботица, на северот на Србија, застанаа на патот кон Нови Сад пред куќата на Теодора Мартинко, која беше тешко повредена при падот на покривната конструкција, и ја поздравија со аплауз.

Во местата и градовите низ кои минуваа студентите, граѓаните им организираа пречек.

Најголемиот пречек беше во Белград, кога студентите од Нови Пазар во центарот на градот ги поздравија илјадници луѓе со црвен тепих, факели и огномет.

Видете и ова: Вучиќ повика на мирно одбележување на годишнината од трагедијата во Нови Сад

Владата на Србија го прогласи 1 ноември за Ден на жалост, а претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 31 октомври упати апел за мирно одбележување на годишнината од несреќата и повторно повика на дијалог.

Бетонската настрешница се урна само неколку месеци по свеченото отворање по реконструкцијата.