Второто обвинето лице за нападот врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, доби условна казна затвор од две години која нема да се изврши ако во наредните пет години не стори ново кривично дело.
Пресудата беше изречена денеска, 31 октомври, во Основниот кривичен суд Скопје откако обвинетиот призна вина за делото „насилство“ за коешто се гонеше.
„Обвинетиот Реџеп Нуредини на главна расправа покажа искрено каење за стореното, за неговото грубо однесување спрема оштетената. Меѓутоа, и самата градоначалничка покажа доблест да му прости за стореното на обвинетиот, дури и не се приклучи кон кривичниот прогон, ниту пак најави имотно правно побарување. Што помогна за изречената максимална алтернативна казна во случајот“, изјави адвокат на обвинетиот Насер Рауфи, по изрекувањето на пресудата.
Видете и ова: Чаирската романтика растегната меѓу криминал и политикаАрсовска, како што пренесува државната агенција МИА, од судот излезе видно вознемирена и не сакаше да даде изјава за медиумите. Но, се огласи на социјалните мрежи.
За нападот на Арсовска, скопскиот првостепен суд во септември изрече уште пресуда. Обвинетиот Сулејман Љамалари беше осуден на две години затвор за насилство.
Инцидентот се случи на 11 јули 2025 година Чаир, период кога Арсовска објавуваше материјали и упатуваше обвинувања за дивоградби на територијата на оваа скопска општина.