Ердоган и Мерц јавно ги „судрија“ ставовите околу војната во Газа

Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган (десно) и германскиот канцелар Фридрих Мерц одржуваат заедничка прес-конференција во претседателската палата во Анкара, на 30 октомври 2025 година. (Фото: Адем Алтан / AFP)

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и германскиот канцелар Фридрих Мерц се судрија околу војната во Газа за време на заедничката прес-конференција во Анкара на 30 октомври, јавува германската новинска агенција ДПА.

Додека Мерц ја потврди цврстата поддршка на Германија за Израел, Ердоган повторно ја обвини земјата дека извршува „геноцид“.

Турскиот лидер посочи дека Израел оваа недела извршил масовни воздушни напади врз Газа, иако стапи во сила примирје на 10 октомври. Израел, пак, во средата соопшти дека го „обновил“ спроведувањето на примирјето.

„Тие не само што ја напаѓаат Газа, туку отсекогаш имале намера да ја покорат преку глад и геноцид, и тоа сè уште трае,“ изјави Ердоган.

Забелешките на Ердоган беа одговор на изјавата на Мерц, кој на турски новинар му рече дека Израел станал прибежиште за милиони Евреи, меѓу кои и многумина преживеани од Холокаустот.

„Затоа Германија секогаш цврсто ќе стои на страната на Државата Израел,“ рече канцеларот.

Видете и ова: По десетици убиени, израелската војска соопшти дека примирјето во Газа е во сила


Мерц додаде дека Израел го искористил своето „право на самоодбрана“ по нападот предводен од Хамас на 7 октомври 2023 година, велејќи дека разорната војна можела да се избегне доколку Хамас ги ослободел заложниците порано и го положел оружјето.

„Тогаш оваа војна ќе завршеше веднаш,“ изјави германскиот канцелар.

Ердоган возврати дека не се согласува со Мерц, нагласувајќи дека Хамас нема ниту нуклеарно, ниту тешко вооружување, додека Израел поседува такви средства и повторно ја бомбардирал Газа и покрај примирјето договорено пред две недели.

Ердоган изјави дека Израел повторно ја нападна Газа во последните денови и покрај прекинот на огнот во енклавата.

„Дали Германија не го гледа ова?“, праша Ердоган, додавајќи дека хуманитарна должност на Турција, Германија и другите земји е да го прекинат гладот и масакрите во Газа.

Во вторникот, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди обновени напади врз Газа по убиството на израелски војник во Рафах, на југот на Газа, и по, како што соопшти владата, „инсценираното“ пронаоѓање на остатоци од заложник.

Турција одржува контакти со Хамас, организација која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка. Анкара одигра клучна улога во посредувањето на примирјето во Појасот Газа пред околу две недели, иако прекинот на огнот во меѓувреме стана нестабилен.