Кремљ: Неодамнешните тестови за оружје што ги најави Трамп „не се нуклеарни“

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Кремљ не верува дека започнала нова рунда од трката во вооружување меѓу Русија и САД, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, претходно денеска нареди итен почеток на тестирањето на нуклеарно оружје и исто така спомена дека САД имаат полигони за тестирање на нуклеарно оружје, а деталите за тестовите ќе бидат објавени подоцна.

„Ова во никој случај не може да се протолкува како нуклеарен тест“, изјави Песков пред новинарите кога беше прашан дали изјавите на Трамп за почетокот на тестирањето на нуклеарно оружје може да се сметаат за нова рунда од трката во вооружување.

Видете и ова: Трамп најави почеток на нови тестирања на нуклеарно оружје

Рускиот претседател Владимир Путин вчера објави дека Русија пред два дена го тестирала подводното возило „Посејдон“, а, исто така, на 26 октомври објави дека се завршени и тестирањата на ракетата „Буревестник“ која има нуклеарен мотор и можност за носење нуклеарно оружје. Москва моментално разгледува опции за користење на ракетата, бидејќи војната во Украина продолжува без јасен исход.

Договорот за забрана на нуклеарни тестови во атмосферата, во вселената и под вода беше потпишан во Москва на 5 август 1963 година од претставници на СССР, САД и Велика Британија.