Трамп вели дека трговскиот договор со Јужна Кореја е „речиси“ готов

Американскиот претседател Доналд Трамп и северкорејскиот претседател Ли Џе Мјунг

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е постигнат трговски договор со јужнокорејскиот претседател Ли Џе Мјунг, пред да додаде дека договорот е „речиси“ финализиран.

„Го направивме тоа“, им рече Трамп на новинарите кога беше прашан дали е постигнат договор, без да даде дополнителни детали.

„Постигнавме договор. Направивме многу различни работи. Имавме одлична сесија“, рече американскиот лидер.

Но, подоцна го смени тврдењето, велејќи на вечера на која беше и Ли дека договорот е „скоро финализиран“.

„Дојдовме до заклучок за многу многу различни точки“, истакна Трамп.

Во јули, Трамп рече дека Вашингтон се согласил да ги намали царините за јужнокорејскиот увоз на 15 проценти во замена за инвестициски залог од 350 милијарди долари.

Но, високите царини за автомобили останаа на сила, а двете влади беа поделени околу структурата на инвестицискиот залог.

Видете и ова: Трамп во Токио додека расте надежта за трговски договор со Кина

Во разговор со новинарите, главниот помошник на претседателот во Сеул, Ким Јонг-Беом, потврди дека е постигнат широк договор.

Сеул и Вашингтон „постигнаа договор за деталите од преговорите за царините“, потврди Ким.

Тој рече дека двете страни се согласиле да ги одржат реципрочните царини на 15 проценти по прелиминарниот договор постигнат во јули.

„Пакетот за финансиски инвестиции на Јужна Кореја за Соединетите Држави, вреден 350 милијарди долари, се состои од 200 милијарди долари во готовински инвестиции и 150 милијарди долари во соработка во бродоградбата“, додаде Ким.

Двете страни, исто така, се согласиле да ги „намалат царините за автомобили и автоделови на 15 од 25 проценти, соопштија од Кабинетот на Мјунг.