По виртуелната министерка, Рама најави и дигитални асистенти за пратениците

Диела, првата министерка генерирана со вештачка интелигенција.

Откако Албанија ја доби првата виртуелна министерка Диела, генерирана со вештачка интелигенција, албанскиот премиер Еди Рама најави дека и пратениците од неговата Социјалистичка партија ќе добијат дигитални асистенти.

Во необичната најава, Рама рече дека министерката Диела е „бремена“ и чека 83 деца – по едно за секој пратеник од владејачката партија.

„Децата со вештачка интелигенција“ или виртуелните помошници ќе ги следат парламентарните постапки, ќе може да снимаат дискусии во парламентот, ќе подготвуваат резимеа и ќе предлагаат одговори за пратениците кои не можеле да присуствуваат на некои седници…

Видете и ова: Напролет први резултати од вештачката интелигенција на „Везилка“

Очекувањата се дека овој систем ќе биде целосно оперативен до крајот на 2026 година.

Албанскиот премиер ваквиот чекор во дигитализацијата го соопшти во обраќање на Берлинскиот форум за глобален дијалог (БГД).

„На пример, ако одите на кафе и заборавите да се вратите на работа, тие ќе ви пренесат што се зборувало додека сте биле отсутни и на кого треба да му возвратите и контактирате“, рече Рама.

Диела, што на албански значи „сонце“, официјално беше избрана за министерка во септември.

Видете и ова: Гласањето за новата албанска влада помина со тензии поради виртуелната министерка

Изборот на Владата со 17 члена, тогаш предизвика тензии во парламентот поради противењето на опозициските пратеници. Тие го критикуваа назначувањето на виртуелната министерка како неуставно бидејќи ботот не е личност, нема албанско државјанство и може да доведе до поголема корупција.