Италијанскиот суд одобри екстрадиција на осомничен Украинец во Германија во случај поврзан со напад врз гасоводот Северен тек, објави адвокатот на осомничениот на 27 октомври.
Серхиј К. се смета за еден од наводните организатори на нападите од 2022 година, во кои беа оштетени гасоводите што водат од Русија до Германија преку Балтичкото Море.
Германските обвинители го обвинуваат 49-годишникот за заедничко предизвикување експлозија и за противуставна саботажа и побараа негова екстрадиција со цел да биде изведен пред суд во Германија.
Одлуката на судот во Болоња е најновиот чекор во сложениот судски процес околу екстрадицијата.
Судот во Болоња веќе ја одобри екстрадицијата на Серхиј К. во септември, но адвокатот на осомничениот го поднесе случајот до Врховниот суд на Италија, кој го запре предавањето кон средината на октомври поради процедурални грешки.
Врховниот суд потоа го врати случајот во Болоња, каде што новосоздаден суд беше задолжен за повторно разгледување на предметот.
Сепак, по одлуката од понеделник, адвокатот на Сергиј К., Никола Канестрини, објави дека повторно ќе се жали до Врховниот суд во Рим.
Видете и ова: Италија уапси Украинец за нападот врз гасоводот „Северен тeк“Осомничениот беше уапсен додека беше на одмор со сопругата и децата во Италија кон крајот на август. Оттогаш е задржан во затвор со висока безбедност во северна Италија.
Нападот врз поранешниот германско-руски престижен проект привлече меѓународно внимание во септември 2022 година. Шест месеци по почетокот на целосната инвазија на Русија во Украина, беа пријавени неколку експлозии во близина на данскиот остров Борнхолм.
Експлозиите ги ставија надвор од употреба и цевководите на „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“.
Последователно беа пронајдени четири протекувања на три од четирите линии.
Гасоводот „Северен тек 1“ претходно носеше гас до Германија директно од Русија. „Северен тек 2“ не беше пуштен во употреба поради војната во Украина.
Проектот „Северен тек“ беше масивен инвестициски и инфраструктурен проект за Русија и Германија, но беше силно критикуван затоа што ѝ дозволи на Москва премногу влијание врз европското снабдување со енергија.