Хрватска изгласа воведување воен рок

Хрватски војници од борбената група на НАТО на вежба во Рукла, Литванија, 16 јануари 2018 година.

Хрватскиот парламент го усвои Законот за измени на Законот за одбрана и Законот за служба во вооружените сили, со кој се воведува основна воена обука.

Откако законот ќ стапи на сила, Министерството за одбрана ќе донесе подзаконски акти што ќе овозможат да се спроведе обуката, објави Хрватска радиотелевизија (ХРТ).

„Целта на програмата е да се обучат младите луѓе за основни воени вештини со цел да се стекнат со знаења и способности потребни во кризни ситуации и со тоа да се придонесе кон националната безбедност. Обучените регрути стануваат важен дел од резервниот состав на вооружените сили на Република Хрватска и ја зајакнуваат одбранбената подготвеност на земјата“, соопшти Министерството за одбрана.

Планирано е годишно да се повикуваат по околу 4.000 регрути, поделени во пет генерации.

Видете и ова: Сто отсто зголемен бројот на хрватски доброволци за служење воен рок

Во 2026 година, мажите – воени регрути родени во 2007 година – ќе бидат повикани на основна воена обука.

Регрутите постари од 19 години и помлади од 30 години можат да аплицираат и доброволно.

Жените не подлежат на регрутација, но можат доброволно да посетуваат основна воена обука.

Првите повици за медицински прегледи за воени регрути се очекуваат до почетокот на декември 2025 година.