Во Будимпешта спротивставени политички собири за годишнината од востанието во 1956

Петер Маѓар, лидерот на опозициската партија Тиса, држи говор во Будимпешта на собир по повод 69-годишнината од Унгарското востание од 1956 година.

Десетици илјади луѓе маршираа низ Будимпешта на 23 октомври на спротивставени политички собири за да ја одбележат годишнината од Унгарското востание во 1956 година против комунистичката власт, кое беше насилно задушено од советските војници.

Премиерот Виктор Орбан го предводеше, како што го нарече, „маршот на мирот“, нагласувајќи го своето противење на воената помош за Украина, додека неговиот главен противкандидат, Петер Маѓар од партијата Тиса, предводеше спротивен протест, јави Унгарската редакција на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Во говорот пред насобраните пред парламентот, Орбан го повтори своето противење на воената помош од ЕУ за Украина, како и на можноста Украина да стане членка на ЕУ и НАТО.

„Војната го блокира растот на европската и унгарската економија,“ рече Орбан.

Видете и ова: Орбан: Работиме на заобиколување на санкциите на САД против руските нафтени компании

Премиерот им порача на илјадниците свои поддржувачи дека Унгарците кои мислат дека поддржуваат промена на власта, „всушност поддржуваат војна — било да се свесни за тоа или не“.

Орбан се смета за најблизок сојузник на Москва во рамките на Европската унија, но некои од неговите поддржувачи велат дека неговиот став ги штити унгарските интереси.

Орбан изрази желба да биде домаќин на самитот меѓу САД и Русија во Будимпешта за да се разговара за војната во Украина, но американскиот претседател Доналд Трамп на 22 октомври изјави дека состанокот е одложен на неодредено време.

Орбан (62) ја извршува функцијата премиер четири последователни мандати од 2010 година, но се соочува со пад на популарноста пред изборите што ќе се одржат следната пролет. Според повеќето анкети, заостанува зад Маѓар.

Поддржувачите на партијата Тиса на Петер Маѓар излегоа во голем број на опозицискиот собир кој повикуваше на политички промени.

Маѓар (44) води кампања против она што го нарекува „корумпирана политичка елита“, а го нападна и, како што рече, опасното концентрирање на моќта под Орбан.

Видете и ова: Опозициската партија Тиса е пред Фидес на Орбан, покажуваат анкетите

Тој го обвини Орбан дека повторно гради еднопартиски систем, кој помогнал да се урне во 1989 година, за време на демократската транзиција на земјата.

Некои опозициски демонстранти ја споредија репресијата од 1956 година во Унгарија со денешната војна во Украина.

„Што значи за вас овој натпис денес?“ го праша новинар на РСЕ Петер Лакич, кој држеше транспарент со натпис: „Руси, одете дома.“

„За жал, една работа што ја научивме од историјата е дека ништо не сме научиле од историјата,“ одговори Лакич.

Како што партијата Тиса добива сѐ поголем замав, Маѓар вети борба против корупцијата и јакнење на унгарските врски во рамките на ЕУ и НАТО.