Кос: Советот на ЕУ во ноември би можел да донесе одлука за старт на преговорите со Украина и Молдавија

Еврокомесарката за проширување Марта Кос

Европската комисија го заврши скрининг процесот со Украина и Молдавија и веќе во ноември Советот на ЕУ би можел да донесе одлука за почеток на преговорите со двете земји по шесте преговарачки кластери, изјави денеска (20 октомври) во Луксембург еврокомесарката за проширување Марта Кос при пристигнувањето на состанокот на Советот за надворешни работи на Унијата, пренесува МИА.

Според неа, двете земји го забрзаа спроведувањето на реформите, се справуваат со корупцијата, ги зајакнуваат институциите и ги почитуваат принципите на владеењето на правото.

„Уверена сум дека земјите членки нема да сакаат да видат како сето тоа запира, бидејќи ако застанеме сега, тоа е нешто што би и помогнало на Русија“, додаде Кос.

Видете и ова: Дебата за разделба во ЕУ: Патот на Молдавија и Украина кон членство под лупа

На прашање како Европската комисија планира да го надмине ветото од страна на Унгарија за старт на преговорите на ЕУ со Украина, Кос истакна дека се разгледуваат сите можности и дека ќе се продолжи во тој правец, потенцирајќи дека проширувањето е принцип базиран на заслуги и Киев, како што рече, испорачал резултати во таа насока.

„Унгарија не се спротивстави на давањето статус на кандидат за членство на Украина, па затоа и сега очекувам унгарска поддршка за го отвориме првиот кластер, а потоа и сите други. Ако Унгарија е загрижена за унгарското малцинството во Украина, можеме да се справиме со тоа во рамки на Кластерот 1“, изјави Кос.

Видете и ова: ЕУ ги следи заканите за изборите во Молдавија поради наводен руски заговор со обука на провокатори во Србија

Во врска со користењето на замрзнатите руски средства за поддршка на Украина, Кос истакна дека тоа е прашање за кое се дискутира и се разгледуваат правно заснованите можности за реализација на таа идеја за доброто на Европската Унија и на нејзините земји членки.

Еврокомесарката за проширување додаде дека освен за европските перспективи на Украина и Молдавија, на состанокот ќе стане збор и за „загрижувачките случувања во Грузија“.

Таа додаде дека противниците на грузиската Влада се затворани, а се новинарите и организациите на граѓанското општество, замолчани.

Таа додаде и дека со договорот меѓу Ерменија и Азербејџан првпат се добива можност да се воспостави мир во целиот кавкаски регион, што како што рече, отвора перспективи преку тоа подрачје Европа да гради нови инфраструктури на поврзување со Централна Азија, откако трговските патишта низ Русија што претходно ги поврзуваа беа затворени по руската агресија врз Украина.